Москва објави дека на новинарите од, како што смета, „непријателските земји“ нема да им биде дозволено да присуствуваат на овогодинешниот Меѓународен економски форум во Санкт Петербург, што го означува последниот потег на Кремљ да ги спречи западните новинари да известуваат за Русија.
Економскиот форум, кој се одржува секоја година од 1997 година, се смета за руска верзија на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
Претседателот Владимир Путин го користи форумот, еден од ревијалните настани во земјата, за да ја рекламира руската економија пред глобалните инвеститори. Оваа година форумот ќе се одржи од 14 до 17 јуни.
Според Ројтерс, на западните новинари никогаш не им било забрането да го покриваат форумот на таков широк начин. Но, оваа забрана, објавена во саботата, доаѓа во време на постојани тензии меѓу Москва и западните земји кои воведоа обемни санкции кон Русија поради тековната војна на земјата во Украина.
„Одлучено е овојпат да не се акредитираат медиуми од непријателски земји“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, за државниот медиум ТАСС во саботата.
Списокот на Кремљ на „непријателски земји“ е составен од оние кои ја санкционираа Русија поради војната во Украина.
Некои западни новинари првично беа акредитирани да го покриваат форумот оваа година.
Редакцијата на Ројтерс во Москва во четвртокот добила потврда за акредитација, но следниот ден била известена дека акредитацијата за нејзините новинари е откажана.
Странските новинари ја напуштаат Русија од безбедносни причини откако земјата ја нападна Украина минатата година.
Оние кои се одлучиле да останат се соочуваат со зголемени ризици, вклучително и неоправдано притворање.
Американскиот новинар Иван Гершкович, кој работи за „Вол Стрит Џурнал“ , е притворен повеќе од два месеца во Русија поради обвиненија за шпионажа кои тој и американската влада ги негираат.
Дел од информациите во текстот се преземени од Ројтерс и АП