Мисајловски за набавката на армиските хеликоптери: Не бил заверен техничкиот аранжман потпишан од министрите, правиме детални проверки

Техничкиот аранжман што е потпишан меѓу министрите не е заверен во министерството, рече министерот за одбрана Владо Мисајловски одговарајќи на новинарско прашање за набавката на армиските хеликоптери

Ќе има ревизија на сето ова, која веќе се прави, рече министерот за одбрана, Владо Мисајловски за набавката на армиските хеликоптери. Славјанка Петровска, пак, во чие време беше склучен договорот, категорично вели дека сите процедури се одвивале согласно внатрешните процедури и законите.

За жал, техничкиот аранжман што е потпишан меѓу министрите не е заверен во министерството. Тоа е проблем за кој мораме да најдеме начин правно да го затвориме.

Ова го денеска го истакна министерот за одбрана, Владо Мисајловски, одговарајќи на прашање од Гласот на Америка до каде е процесот за набавка на осум армиски хеликоптери.

Брифинг за набавката на осум нови повеќенаменски хеликоптери од Италија за македонската армија, (14, март, 2024)

Набавката ќе биде од италијанската компанија „Леонардо“, целиот проект вреди 249 милиони евра, а беше потпишан во времето на претходната министерка за одбрана, Славјанка Петровска.

Your browser doesn’t support HTML5

Мисајловски: Техничкиот аранжман за хеликоптерите не бил заверен Петровска: Сè е според процедурите

Ќе има ревизија на сето ова, која веќе се прави
Владо Мисајловски, министер за одбрана

Како што истакна Мисајловски во времето на претходното раководство на министерството за одбрана веќе бил исплатен аванс од 39 милиони евра за набавка на хеликоптерите. Во јануари треба да се исплатат уште 35 милиони евра.

„За да ги исплатиме тие средства и за да почнеме со сите постапки, ние ќе направиме сè за правно и правилно да влеземе во целиот процес. Ќе има ревизија на сето ова, која веќе се прави. Имаме сопственa служба која го проверува сето ова“, рече Мисајловски на денешната редовна годишна средба со новинарите во Домот на АРМ.

Не го гледам тоа како проблем, доколку такво нешто е констатирано, вели поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска во изјава за Гласот на Америка

Славјанка Петровска, пак, која беше на чело на министерството за одбрана кога се склучи договорот за хеликоптерите, вели дека процесот на одлучување траел три години и не смета дека се направени пропусти.

Не го гледам тоа како проблем, доколку такво нешто е констатирано
Славјанка Петровска, поранешна министерка за одбрана

„Верувам дека тимот и комисијата за набавки, која е независна од министерот, постапила согласно законските прописи и процедури и дека апсолутно, договорот што е склучен и сите останати документи се правно валидни и се обврзувачки“, вели Петровска во изјава за Гласот на Америка.

Петровска додава: „Не го гледам тоа како проблем, доколку такво нешто е констатирано. Тоа е макотрпен процес, три години спроведуван од експерти во министерството и армијата“.

За внатрешната ревизија во однос на набавката, Петровска е категорична дека сите процедури се одвивале „согласно внатрешните процедури и согласно законите“.

Според одлуката, ќе бидат набавени четири хеликоптери од типот AW149 и уште четири од типот AW169M.

Производител е италијанската компанија „Леонардо“, а целата набавка ќе се изведува во периодот од 2026 до 2028 година. Договорот вклучува и техничка поддршка, обука за пилоти, како и изградба на хангар за хеликоптерите.