Мицкоски од Мечкин камен: Мора да ставиме ред, кога нема систем постои мито и корупција

Ќе се бориме и во Источна и во Централна и во Западна и во Јужна и во Северна Македонија, секаде каде има потреба, рече Мицкоски од Мечкин камен, за борбата со пожарите

Нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина

Да ги вратиме вредностите онаму каде е место – тие кои се огрешиле кон законите да одговараат, работниците да бидат со пристојни плати, младите со шанса за иднина, земјоделците да бидат задоволни, лекарите почитувани, истакна меѓу другото премиерот Христијан Мицкоски во говорот од Мечкин камен по повод одбележувањето на 2ри Август, Илинден, Денот на републиката.

Мицкоски во говорот им оддаде почит на револуционерите од илинденскиот период, но посвети внимание на новите случувања во државата и предизвиците со кои се соочува македонското општество.

Говор на премиерот Христијан Мицкоски од Мечкин камен по повод Илинден, 2ри Август, 2024

Упати благодарност до пожарникарите, кои се борат со сегашните пожари низ државата, велејќи:

Ќе се бориме и во Источна и во Централна и во Западна и во Јужна и во Северна Македонија
Христијан Мицкоски, премиер на С.Македонија

„Ќе продолжиме независно од тоа што го слушаме што го говорат неодговорни политичари, лица да го даваме својот максимум. Ќе се бориме и во Источна и во Централна и во Западна и во Јужна и во Северна Македонија секаде каде има потреба“, рече Мицкоски.

Упати пораки за рамноправност и владеењето на правото во државата.

„Да направиме држава каде нема да има граѓани од прв и втор ред. Да имаме држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност. Ова ќе биде земја каде ќе се почитува секој оној што е чесен, искрен и вреден, а ќе се казнува секој оној што е корумпиран“, рече Мицкоски.

Премиерот ги спомна и релациите со Бугарија.

Ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет, рече Мицкоски за спорот со Бугарија

„Ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Воедно неспорна е нашата заложба за членство во Европската Унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите“, истакна Мицкоски.

Премиерот во говорот посочи дека остануваат определбите за продолжување на патот кон ЕУ, но, како што додаде, под рамноправни критериуми.

„Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото“, истакна Мицкоски.

Нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања
Христијан Мицкоски, премиер на С.Македонија

Обраќајќи им се домашните политички фактори, премиерот рече дека подава рака за дијалог за економски напредок на државата.

„Нема да водам разговор на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикувам сите партии, субјекти и лидери ајде да зборуваме за она што е вистински важно, а тоа е економија, образование и иновации кои носат иднина. Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија“, рече Мицкоски.

Премиерот дел од говорот посвети и на младите.

„Им порачувам на младите: не плашете се од предизвиците, бидејќи вие сте тие што ќе ја градите иднината, и вие сте тие кои мора да го негувате, браните и да се борите за единството“, истакна Мицкоски.

Дефиле со коњаници по повод одбележувањето на Илинден, на Мечкин камен

Во рамките на одбележувањето на Денот на републиката, на Мечкин камен имаше актерска интерпретација на Крушевскиот манифест на македонски и на албански јазик, а се одржа и дефиле на коњаници кои пристигнаа од повеќе градови.