Мерик Гарланд во ненајвена посета на Меѓународниот кривичен суд

Вашингтон ја поддржа работата на Меѓународниот кривичен суд во истрагата за воените злосторства во Украина, откако Русија изврши инвазија во февруари 2022 година

Американскиот јавен обвинител Мерик Гарланд денес беше во неочекувана посета на Меѓународниот кривичен суд и се сретна со неговиот главен обвинител, што е знак за промена на политиката на Вашингтон кон постојаниот светски трибунал за воени злосторства.

САД не се член на судот, заедно со други големи сили, како Кина и Русија, и воведоа санкции против највисоките претставници на Меѓународниот кривичен суд под администрацијата на Трамп.

Но, за време на американскиот претседател Џо Бајден тие санкции беа укинати и Вашингтон ја поддржа работата на Меѓународниот кривичен суд во истрагата за воените злосторства во Украина, откако Русија изврши инвазија во февруари 2022 година.

Меѓународниот кривичен суд на Твитер објави дека Гарланд се сретнал со главниот обвинител Карим Кан, но не даде никакви детали за состаноците.

Посетата не беше најавена предвреме и не беа дадени никакви информации до медиумите.

Средбата на Гарланд со највисоките судски претставници е доказ за подобрените односи меѓу Вашингтон и судот, кој во март издаде налог за апсење против рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го за воено злосторство за незаконско депортирање на стотици деца од Украина.

Бајден рече дека налогот на Меѓународниот кривичен суд е оправдан.

Москва постојано ги негираше обвинувањата дека нејзините сили извршиле злосторства, а Кремљ ја означи судската одлука за издавање налог за Путин како „неважечка“.

Но, не сите во сегашната администрација на САД прифаќаат потопли врски со Меѓународниот кривичен суд.

Минатиот месец, американските законодавци рекоа дека Стејт департментот и Одделот за правда соработуваат со судот, но обвинија дека Пентагон го поткопува гонењето за воени злосторства на руските функционери со блокирање на споделувањето на американското воено разузнавање.

Извор: Ројтерс