Со интонирање на американската и македонската химна и на свечена церемонија, Обединетата македонска дијаспора (ОМД) викендов во хотелот Мериот во Вашингтон ги додели наградите за пријателство на истакнати лица од САД и дијапората.
Американскиот амбасадор во Скопје Филип Рикер поради презафатеност не можеше да присуствува на доделувањето, но затоа се обрати преку видео-снимка.
Со овации беше проследено наградувањето на професорот Виктор Фридман, кој над 40 години работи на проучување и промоција на македонскиот јазик во академскиот свет.
За пријателство со Македонија беше почестен и поранешниот амбасадор на САД во Македонија Кристофер Хил. “За земја која има толку многу проблеми, но и толку многу пријатели во нашата земја, таа стана дел од она што го размислуваме и чиниме на Балканот“, рече Хил за Македонија на доделувањето.
Со награда се закити и Џорџ Атанасовски, еден од најпознатите и највлијателни македонски иселеници – инвеститори во родната земја.
Александар Митрески, потпретседателот на ОМД, го сврте погледот кон наредната конференција.
„Секој месец го зголемуваме бројот на пријатели на Македонија. Работиме на придобивање на нови пријатели на Македонија во Конгресот, кои, пак, ќе продолжат да лобираат Македонија да влезе во ЕУ и НАТО под уставното име.“, рече Митрески.
Амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски ги акцентираше владините реформи за деловна промоција, со почитување на стандардите на ЕУ.