Oд Македонија незаконски се одлеале 4,6, од Балканот 111,6 милијарди долари

Your browser doesn’t support HTML5

Наташа Срдоч за одлевањето пари од Балканот

Интервју со Наташа Срдоч, претседателка и соосновачка на Институтот Адријатик за јавна политика
Во интервју за Гласот на Америка на македонски, Наташа Срдоч, претседателка и соосновачка на Институтот Адријатик за јавна политика, говори за проблемот со корупцијата, криминалот и даночното затајување во изминатите 10 години, а во контекст на најавата дека Институтот, заедно со организацијата Глобален финансиски интегритет од Вашингтон, ќе започне нова студија за нелегалното одлевање на пари од Балканот во периодот од 1991-ва до 2011-та.

Глас на Америка: Според извештајот, само во минатата деценија, од Балканот незаконски се одлеале над 100 милијарди долари...

Наташа Срдоч: Да. 111,6 милијари долари се одлеани од Балканот, од земјите на поранешна Југославија, Романија, Бугарија во периодот меѓу 2001-2010-та. Преку облици на криминал, корупција и даночно затајување, мито, има илегално одлевање на пари во различни банки. Мора да се стори нешто за ова. Бројките се шокантни. Тоа значи, помалку пари за образование, здравствена заштита, инфраструктура, пензии. Инвеститорите со чесни намери го одбегнуваат регионот, знаејќи дека нема владеење на правото, независност на судството и заштита на сопственичките права.

Глас на Америка: Каква е севкупната слика за Македонија?

Македонија загуби 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001-2010 преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, владини официјални лица
Наташа Срдоч
Наташа Срдоч: Македонија загуби 4,6 милијарди долари во периодот меѓу 2001-2010 преку криминал, корупција и даночно затајување од политичари, владини официјални лица. Тоа е голема бројка. Се работи за 44 проценти од бруто домашниот производ во 2011-та.

Глас на Америка: Која земја во регионот најмногу страда од ваквиот тренд?

Наташа Срдоч: Во однос на номиналната сума - Србија. Од оваа земја се одлеале над 51 милијарда долари за истиот период.

Во однос на процентот од бруто домашниот производ – Црна Гора - 138%.

Глас на Америка: Како да запре растечкото осиромашување на 64 милиони жители од Балканот?

Треба да се конфискува илегалното богатство на владините официјални лица и политичари од 1991-ва во сите земји од регионот
Наташа Срдоч
Наташа Срдоч: Не можете да се справите со овие проблеми ако не се справите со владеењето на правото, независното судство и заштитата на сопственичките права. Има големо политичко влијание врз судството. Затоа нема решение на ваквите случаи. Треба да се известува за одлевањето на парите. Треба да се конфискува илегалното богатство на владините официјални лица и политичари од 1991-ва во сите земји од регионот. Меѓународни судии и обвинители може да им помогнат на чесните колеги од тамошни земји. Тоа ќе биде поттик да се појави нова генерација судии која ќе гледа на правосудството како на чесна професија, а така на неа не се гледа во моментот.