Советот на министрите на ЕУ не разговара за Македонија

Владата и опозицијата во Скопје мора да ги надминат меѓусебните обвинувања, коментира известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит
Европската перспектива на земјите од Западиот Балкан е една од темите на кои денеска расправа Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.

Дебатата се однесува на стабилизацијата и асоцијацијата, како и на можноста до крајот на годината да започнат преговори за членство на Србија во ЕУ.

Советот на министрите нема да разговара за Македонија, ни изјави кусо Петар Стано, портпаролот на комесарот за проширување.

Пролетниот извештај на ЕК за Македонија не е на дневниот ред на Советот и се остава за некоја наредна седница, во зависност од тоа дали и кога Македонија ќе ги исполни обврските преземени во односите со ЕУ, пред се имлементацијата на политичкиот договор од 1-ви март, со кој беше надмината политичката криза создадена со инцидентите во Собранието од 24-ти декември.

„Јасно е дека продолжените рокови за примена на договорот од 1-ви март и пропуштената шанса да се подобри имиџот на македонското собрание и демократските процеси во земјата од 24-ти декември се голем товар за многу земји-членки. Оттука, расположението за било какво и да е поместување во однос на Македонија на ЕУ-агендата не е позитивно. Но, исто така, нема сомнение дека ЕУ сака да ги почне преговорите со Македонија колку што е можно побрзо“, ни рече поранешниот амбасадор на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере.

Со соопштение реагираше известувачот за Македонија во ЕП, Ричард Ховит.

„Нема да ја бранам одлуката на ЕУ со која не се согласувам и јас, како и ЕП, сметаме дека преговорите за членство треба да отпочнат. Никој не може да ги игнорира потешкотиите со кои се соочува земјата по настаните од 24-ти декември, но верувам дека постои политичка волја тие да бидат надминати. Владата и опозицијата во Скопје мора да ги надминат меѓусебните обвинувања и да вложат позитивна енергија за да се надминат препреките. Денеска не е крај на процесот. Напорите за отпочнување на преговори за членство ќе продолжат за да се успее на Еворопскиот совет во декември и јас ќе бидам на челото на фронтот во таа борба“, стои во соопштението од канцеларијата на Ховит.

На крајот на неделава во Брисел се одржува и самитот на ЕУ со кој завршува ирското претседателство на Унијата. На денвиот ред на самитот не се очекува да стане збор за препораките на ЕК за Македонија.