Бен Роудс: Сојуз сме, заедно носиме одлуки

Your browser doesn’t support HTML5

Бен Роудс: Сојуз сме, заедно носиме одлуки

Американскиот заменик-советник за национална безбедност коментираше за проширувањето на НАТО на брифинг во Вашингтон

Бен Роудс, американскиот заменик-советник за национална безбедност, одговорен за стратешки комуникации, синоќа во Центарот за странски новинари во Вашингтон одржа брифинг за надворешната политика на претседателот Барак Обама.

На прашањето на Гласот на Америка на македонски, дали спроти Самитот на НАТО во Велс во септември САД планираат да извршат притисок врз европските сојузници за прием на Македонија, Црна Гора и Грузија, и на тој начин да ги поддржат во контекст на ситуацијата во Украина, покрај поддршката што веќе ја изразија за Полска, Литванија, Латвија Естонија, Роудс одговори: „Не мислам дека е прашање на притисок од САД. НАТО е сојуз. Заедно донесуваме одлуки. Донесувањето на одлуки има колективна природа“.

Членот на советничкиот тим на претседателот Обама додаде дека членството е базирано на исполнување на редица чекори, а дека секоја земја се оценува според постигнатиот напредок. Но, коментираше дека за членството е потребно време: „Ова ќе биде покренато на самитот. САД отсекогаш демонстрирале, не само со зборови, туку и со дела дека вратата за членство во НАТО е отворена, и тоа важи за сите аспиранти“.

Но, тој повтори - сојуз сме, заедно носиме одлуки, додавајќи дека НАТО-членките заедно ќе оценат колку напреднале аспирантите во исполнување на стандардите.

Осврнувајќи се на светските жаришта, Роудс ја нагласи важноста од следната рунда преговори за иранската нуклеарна програма, со оглед дека крајниот рок за сеопфатен договор истекува на 20-ти јули. Ја поздрави и веста дека Саудиска Арабија ќе обезбеди 500 милиони хуманитарна помош за Ирак.