Ќе дојде ли до големи владини отпуштања во САД под влијание на Илон Маск?

Your browser doesn’t support HTML5

Ќе дојде ли до големи владини отпуштања во САД под влијание на Илон Маск?Тоа прашање се поставува откако новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, најави дека Маск ќе го води новиот Оддел за владина ефикасност. Анализа на Каролин Пресути.

Илон Маск, познат како мозокот на Спејс Икс и Тесла, ќе ги води владините трошоци во новосоздадениот Оддел за владина ефикасност, што исто така преставува име на криптовалута.

„Ќе ја тргнеме владата од вашиот грб и од вашиот џеб“, рече Маск во предизборието.

Одделот за владина ефикасност планира да намали два трилиони долари или околу една третина од државниот буџет и три четвртини од државните работници.

Маск, како и Доналд Трамп кога првпат се кандидираше за претседател, немаше искуство со владата. Но, неговите компании Спејс Икс и Тесла се покажаа ефикасни, особено со рационализирањето на производната линија на Тесла. За време на пандемијата, Маск го пресели своето седиште на Тесла од Калифорнија во Тексас, обвинувајќи ги обемните државни регулативи и високите трошоци.

Тој и неговиот копретседател на Одделот за владина ефикасност, колегата милијардер - претприемачот Вивек Рамасвами, се очекува да го пресликаат тој процес и да елиминираат многу федерални регулативи.

За да се намалат трошоците, Одделот за владина ефикасност ќе предложи затворање на некои агенции и ќе преземе чекори за да поттикне масовни оставки на федералните работници со прекин на популарните програми за далечинско работење и преместување на некои канцеларии надвор од Вашингтон.

„Ќе биде тешко да разбере тој дека претседателот не е крал - или барем не треба да биде во оваа земја - и дека ќе се бори против уставните прашања. Ќе треба да се спротивстави на законот. Ќе се соочи со мандатите на Конгресот“, укажува Стив Ленкарт од Националната федерација на федерални вработени.

За таа цел, Маск и Рамасвами го посетија Капитол Хил. Многу пратеници ја поддржуваат наведената цел на Одделот за владина ефикасност за намалување на владините трошоци, но најверојатно ќе се спротивстават на намалувањата што влијаат на нивните гласачи. И, двајцата се во директна линија со новоизбраниот претседател.

Маск и неговата мајка го прославија Денот на благодарноста со Доналд Трамп во Мар-а-Лаго, додека Рамасвами објави на Инстаграм од својата плажа за Денот на благодарноста како чита како да го намали буџетот.

„Не знам дали сте го запознале Елон... но тој не носи длето. Тој носи моторна пила. Ние ќе го употребиме тоа во таа бирократија“, рече Рамасвами.

Одделот за владина ефикасност беше создаден како надворешен советодавен панел кој ќе препорача кратења на администрацијата на Трамп и на Конгресот, кои ќе имаат конечни овластувања за какви било одлуки.

Ниту Маск ниту Рамасвами нема да земаат државна плата.