Штетата од војната во Газа досега изнесува околу 20 милијарди долари, велат ОН

Од израелското бомбардирање источно од Рафа во јужниот дел на појасот Газа, на 15 февруари 2024 година

На Газа ќе ѝ треба нов „Маршалов план“ за да се справи со последиците по конфликтот меѓу Израел и Хамас, изјави денес Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, додавајќи дека штетата од конфликтот досега изнесува околу 20 милијарди долари.

Говорејќи на маргините на состанокот на ОН во Женева, Ричард Козул-Рајт, директор на Конференцијата на ОН за трговија и развој, рече дека штетата е веќе четирипати поголема од онаа во Газа за време на седумнеделната војна во 2014 година.

„Зборуваме за околу 20 милијарди долари ако престане сега“, рече тој.

Козул-Рајт рече дека проценката се заснова на сателитски снимки и други информации, додека за попрецизна проценка ќе биде потребно истражувачите да влезат во Газа.

Реконструкцијата ќе бара нов „Маршалов план“, рече тој, мислејќи на планот на САД за економско закрепнување на Европа по Втората светска војна.

Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој, во извештајот минатиот месец, соопшти дека би можело да потрае до крајот на векот економијата на Газа да ја врати големината пред конфликтот, доколку непријателствата во палестинската енклава престанат веднаш.