Нови 30 дена притвор за новинарот Кежаровски

  • Синиша Станковиќ
Иницијативниот одбор за негово ослободување за утре закажа протест пред Кривичниот суд.
По 60 дена во притвор одреден според крајно контроверзни аргументи што предизвикаа остри реакции во дел од македонската јавност, Кривичниот суд во Скопје денес реши да го продолжи за нови 30 дена престојот зад решетки на новинарот Томислав Кежаровски, со образложение дека постои опасност да побегне ако биде пуштен да се брани од слобода.

Досегашниот аргумент на судот, за кој реагираа медиумите, невладините организации, македонските и регионалните (босанското и српското здружение на новинари) цеховски организации, Мрежата за професионализација на медиумите од Југоисточна Европа, како и европската и светската новинарска организација, беше дека притворениот новинар, кој заедно со уште седум лица беше уапсен во спектакуларната полициска акција "Ликвидација", можел да влијае врз сведоците. Судот вака реши иако од делото се поминати веќе пет години, весникот во кој е обелоденет идентитетот на наводниот заштитен сведок одамна не постои, а судењето за делото е завршено со ослободителна пресуда за обвинетите.

Истрагата за случајот „Ликвидација“ е завршена. Обвинителството за организиран криминал подигна обвинителен акт за осомничените и побара продолжување на притворот, иако семејството на новинарот веќе понуди и недвижен имот како гаранција дека нема да побегне од бараниот куќен притвор.

На одлуката за продолжување на притворот реагираше „Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски“, чии членови за утре закажаа протест и ги повикаа новинарите и граѓаните да дадат поддршка на слободата на изаразувањето во Македонија пред Кривичниот суд.

„Случајот Кежаровски престанува да биде ексклузивно прашање на новинарската заедница, ова е случај преку кој се крши токму ситуацијата во која функционираат медиумите и прашање за јавноста и ограничувањето на слободaта на изразувањето. Мораме да напоменеме дека Кежаровски штрајкува со глад! Меѓународните и домашните организации како никогаш досега застанаа позади барањето да му се дозволи да се брани од слобода, но игнорирањето на притисокот е манифестирање на ароганција и третман кон новинарите што го нема во ниту една земја, а особено во земја што се нарекува демократска“, кажа Тамара Чаусидис, претседателка на новинарскиот синдикат.

Жанета Трајкоска од Иницијативниот одбор ја истакна шокираноста на колегите: „...Ова навистина е голем срам за Македонија и за судството, за обвинителството, за власта, за политичарите, за сите нас. Ќе го учиме како студија на случај, како се крши новинарството во нашата држава, за жал. Само се надевам дека неговата сопруга и Кежаровски ќе останат здрави и живи во овој процес“.

Откако со писмено образложение ги извести затворот и судот дека одбива да ја прима затворската храна, Кежаровски три дена штрајкува со глад, а неговата здравствена состојба ја следи затворски лекар. Неговата сопруга Марина, која од солидарност самата штрајкува со глад, реагираше на одлуката за продолжување на притворот, со порака на својот профил на Фејсбук: „Вие обвинители, што и понатаму му го продолжувате притворот на Томче, крвавиве солзи од моето дете и од мене што ги лееме да не ви дадат мир и спокој во вашиот живот!“.

Весникот во кој сега е вработен Кежаровски, „Нова Македонија“, покрена граѓанска акција за искажување на протест и почна да пренесува дел од реакциите на разни јавни личности. Денес се објавени реагирањата на експретседателот на Собранието, Стојан Андов, според кого, „начинот на кој се држи во притвор новинарот Кежаровски за нешто што напишал пред пет години всушност добива форма на удар врз една од основните вредности на нашиот уставен поредок“, а „таквиот приод дејствува застрашувачки за секого“.

Денес во „Нова Македонија“ реагираа и професорот Томе Груевски, писателите Гоце Смилевски, Александар Прокопиев и Kатица Ќулафкова. Радио Слободна Европа пак, ја пренесе изјавата на поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, според која „секогаш се заборава дека притворот е крајна мерка, затоа законодавецот и сите меѓународни стандарди се на таа линија. Ако може да се остварат целите преку други мерки, како што е на пример куќен притвор, зошто да се инсистира некој да се стави во притвор?“.

Реагираше и опозиционата СДСМ која побара итно на новинарот Кежаровски да му се овозможи да се брани од слобода, „веднаш да прекине нехуманиот, нецивилизиран, нечовечки однос кон новинарот што го трауматизира и неговото семејство. Предупредуваме дека сите евентуални несакани последици по здравјето на новинарот Кежаровски и семејството, ќе ги сносат одговорните државни органи. Случајот Кежаровски е уште еден пример како во Македонија мерката притвор систематски се користи за пресметки и притисоци од власта“.