Израел со нов напад во Газа додека посредниците вршат притисок за преговори за прекин на огнот

По израелските напади, чад во Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, 8 август 2024 година.

Израелските трупи денеска започнаа нов напад врз градот Кан Јунис во јужниот дел на Газа, со таргет на борците на Хамас за кои војската тврди дека сè уште дејствуваат таму и покрај повторените офанзиви, додека американските, катарските и египетските посредници го обновија притисокот Израел и Хамас да постигнат договор за примирје.

Израелските наредби за евакуација предизвикаа уште еден егзодус на Палестинците од силно уништените источни области Кан Јунис, каде што многумина штотуку се вратија пред помалку од две недели - по последниот упад на израелската војска во градот во јули.

Илјадници избегаа вчера, носејќи ги неопходните работи како што се мали плински боци, душеци, шатори, ранци и ќебиња.

Официјални лица од Израел и САД рекоа дека веруваат дека Јахја Синвар, новоименуваниот врвен лидер на Хамас и еден од архитектите на нападот врз Израел на 7 октомври, би можел да се крие во тунелите под Кан Јунис.

Војската соопшти дека нејзините воени авиони нападнале 30 цели на Хамас во градот, вклучувајќи борци и места за складирање оружје. Се наведува дека војниците ги барале тунелите и другата инфраструктура на Хамас додека учествувале во борба „над и под земја“.

По 10 месеци војна во Газа, притисокот на посредниците има за цел да ги обнови индиректните преговори за прекин на огнот, кои беа во мирување откако претходникот на Синвар, Исмаил Ханије, беше убиен во наводната израелска експлозија во Техеран на 31 јули.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера потврди дека ќе испрати преговарачи на разговори кои посредниците ги повикаа на 15 август, кои ќе се одржат или во главниот град на Катар, Доха, или во главниот град на Египет, Каиро.

Немаше итен одговор од Хамас, кој во вторникот објави дека Синвар, водачот на групата во Газа, ќе го замени Ханије на чело на групата. Ханије претходно беше клучен соговорник во преговорите.

Убиството на Ханије и на висок командант на Хезболах во израелски воздушен напад во Бејрут донесе став на Хезболах и Иран – одмазда. Меѓународните дипломати се обидуваат да спречат ескалација и да склучат договор за запирање на борбите во Газа и ослободување на заложниците кои сè уште се заробени во енклавата.

Во заедничката изјава, САД, Египет и Катар повикаа на новата рунда разговори, која ќе се одржи или во Доха или во Каиро, и ги притиснаа двете страни да продолжат понатаму.

„Нема дополнително време за губење ниту изговори од која било страна за дополнително одложување“, рекоа тие, додавајќи дека преговарачите веќе ја финализирале рамката за договорот.

Тие рекоа дека медијаторите се подготвени да претстават конечен компромис „кој ги решава преостанатите прашања за имплементацијата на начин што ги исполнува очекувањата на сите страни“. Нема објаснување како тоа би изгледало.

Клучно прашање во разговорите би било влијанието за доаѓањето на Синвар на највисокото раководство на Хамас. Синвар се криеше длабоко во Газа во текот на целата војна, додека Израел рече дека ќе го убие.

Синвар веќе е тесно вклучен во преговорите од зад затворени врати. Официјални лица и посредници на Хамас рекоа дека преговарачите на Хамас редовно барале негово одобрување за позициите на групата додека таа притискала за гаранции дека договорот ќе донесе целосен крај на војната и повлекување на сите израелски трупи од Газа, во замена за ослободување на сите заложници.

Израел излезе со став дека ќе го уништи Хамас по нападот на 7 октомври минатата година, во кој милитантите упаднаа во јужен Израел убија околу 1 200 луѓе и киднапираа 250 други. По рундата размена на ослободувања во ноември, Израел вели дека 111 заложници остануваат во Газа, вклучително и 39 тела.

Во Газа се убиени повеќе од 39 600 Палестинци и ранети повеќе од 91 700 други. Повеќе од 1,9 милиони од предвоеното население на Газа од 2,3 милиони се протерани од своите домови, постојано бегајќи низ територијата за да избегаат од офанзивите. Повеќето од нив сега се преполни во опкружени шаторски кампови на површина од околу 50 квадратни километри на брегот на Газа.

Со колапс на санитарните системи, болестите неконтролирано се шират, велат здравствените власти, а хуманитарните групи се обидуваат да го нахранат населението. Обединетите нации велат дека половина милион Палестинци се соочуваат со катастрофални нивоа на несигурност во храната.

Израелската војска во петокот соопшти дека нејзините сили сѐ уште се борат со борците на Хамас во најјужниот град во Газа, Рафа, во напад таму што трае три месеци. Новиот напад во Кан Јунис, каде што спроведе повеќе офанзиви оваа година, доведе повеќе луѓе во камповите и соседните области.

Гази Абу Дака, еден од евакуираните, за Асошиетед прес изјави дека тој и неговото семејство морале да бегаат од источниот дел на Кан Јунис дури четири пати.

„Секој ден има војна. Секој ден има ракети. Во источниот дел нема безбедно место. Сега, ние сме раселени на улиците и не знаеме каде да одиме“, рече тој додека го носеше својот син.

Јасер Абу Алијан, друг евакуиран, рече дека бил раселен околу шест пати од областа Бени Сехеила источно од градот. Тој рече дека не зел ништо со себе освен неговите две мали девојчиња: „Сè отиде“.