Израел и Хезболах се чини дека се поблиску од кога било до целосна војна, со ескалација на напади од двете страни против цивилни и воени цели.
„Зголемената агресија на Хезболах не` доведува до работ на она што би можело да биде поширока ескалација, онаа што може да има катастрофални последици за Либан и за целиот регион. Хезболах ја загрозува иднината на Либан за да може да биде штит за Хамас“, изјави Даниел Хагари, портпаролот на израелската армија.
Некои израелски аналитичари велат дека двете страни веќе се во војна.
„Каква војна ќе видиме во иднина? Но, во моментов? Ние сме во војна од целосен обем, само во артилериски аспект, а сè уште не во копнен маневар“, смета Абрахам Левин од Центарот „Алма“.
Десетици илјади Израелци и Либанци беа принудени да ги напуштат своите домови во близина на границата. Израелските аналитичари велат дека целосната војна со Хезболах би однела поголема жртва од осуммесечната борба против Хамас во Газа.
„Од гледна точка на Хезболах, ова значи огромна ракетна војна со истрелување на нивните 150.000 проектили што ги имаат, вклучително и прецизни проектили кои можат да ја погодат секоја цел во Израел - воена, цивилна, стратешка, но и практично секоја урбана област во Израел предизвикувајќи огромна, огромна штета, материјал и жртви“, посочува Ели Кармон од Интернационалниот институт за антитероризам.
Израел ја предупреди либанската влада дека целата земја, не само Хезболах на југ, ќе претрпи голема штета при израелско бомбардирање. Лидерот на Хезболах Хасан Насралах вели дека секој договор за прекин на борбите со Израел е поврзан со прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас во Газа.
„Се надеваме дека војната ќе престане во секој момент, но ако тој (Нетанјаху) инсистира на војна, ќе го одведе ционистичкиот ентитет до катастрофа и ќе го одведе спротивниот фронт до голема и горда историска победа“, изјави Хасан Нарсала, лидерот на Хезболах.
Повеќе од осум месеци од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа, се чини дека се зголемуваат шансите војната да се прошири на втор фронт.