Преговорите за нов договор за климата влегоа во втората недела од Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени или КОП29 што се одржува во Баку, Азербејџан. Обединетите нации соопштија дека над 60.000 делегати се пријавени за последната рунда глобални разговори за климата. Иван Дургутов на конференцијата е младински претставник од Северна Македонија:
Your browser doesn’t support HTML5
„Конференцијата претставува можност да се соберат светските лидери и останатите учесници на едно место и да дискутираат за тоа како светот може најдобро да се соочи со климатските промени, односно да се справи со истите. Како главни пораки кои што ги добиваме од оваа конференција оваа година, се всушност тоа дека климатските промени не се случуваат сега и веднаш. Повеќе не сме во можност да зборуваме за тоа дали ќе има или ќе нема климатските промени, односно дали ќе можеме да ги сопреме истите, туку она за кое што светските лидери говорат во Баку е како да се ублажат овие климатски промени и како да се обезбеди поголемо финансирање за истото“, вели Иван Дургутов, учесник на КОП29 во Баку, Азербејџан.
Меѓу панелистите во Баку, Дургутов го издвојува поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор, автор на филмот „Незгодна вистина“ од 2006, документарец за влијанието на климатските промени врз планетата, кој годинава го критикуваше присуството на конференцијата на индустријата за фосилни горива и нациите зависни од фосилни горива. Дургутов вели дека Ал Гор зборувал за потребата од натамошно кревање на свеста за климатските промени.
„Потпредседателот во неговото излагање споделуваше и примери за тоа дека посиромашните земји се и тоа како повеќе погодени од климатските промени. За илустрација, тој даде две земји членки на Европската Унија, Данска и Полска, кои што имаат очигледно ниво на разлика помеѓу нивните економии (каде) Полска како помалку развиена земја членка во однос на Данска е многу повеќе погодена од климатските промени од Данска. Тоа беше пораката која што тој сакаше да ја испрати во однос на тоа дека побогатите држави едноставно мора повеќе да одвојуваат средства, бидејќи посиромашните ем што се попогодени од климатските промени, ем помалку средства, начини и ресурси имаат да се справат со истите, односно да ги ублажат“, изјави Дуругтов.
Младите играат витална улога во заживувањето на климатската дипломатија, за која гласно зборуваше генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Активистот Дургутов, смета дека е многу логично тоа тврдење зашто младите се тие што најдолго ќе ги живеат климатските промени.
„Најмногу ќе треба да се справуваат со нив сега, но и во иднина. Како и за сите оние долгорочни прашања и решенија за кои говориме, кои што всушност добрите страни или лошите страни од тие решенија ќе треба токму најмногу младите да ги почувствуваат на сопствената кожа, за такво нешто зборувам и за климатските промени. Значи, тоа се климатските промени, кои што тие ќе ги живеат до крајот на својот живот и токму од таа причина, се радувам што како млад човек имам можност да земам учество и да добијам простор на ова конференција во Баку. Навистина е убаво чувството да се биде овде дел од групата млади луѓе што не се само оние кои што ќе ги чувствуваат последиците од одлуките на големите лидери, но исто така, тие се и оние кои имаат можност да дадат придонес за истото, а преку нивното учество на Конференцијата за климатските промени во Азербајџан годинава“, рече Иван Дургутов, учесник на КОП29 во Баку, Азербејџан.
Конференцијата за климатските промени во Баку покажа дека трета година по ред проектираното затоплување на Земјата не се подобрува. Присуството на младите на маса е чекор во вистинската насока, но останува прашањето дали меѓународните преговори ќе донесат вистинска промена.