Инцидентот на аеродромот причина за опозицијата да бара смена на спикерот Гаши

Претседателот на Собранието Африм Гаши на одбележувањето на празникот Илинден 2024 година

Опозицијата бара смена на собранискиот спикер Африм Гаши. Се наведуваат повеќе причини, но главен повод е минатонеделниот инцидент на скопскиот аеродром со косовската претседателка и реакцијата на обезбедувањето на претседателот на парламентот.

Социјалдемократите се повикуваат на соопштението во кое МВР потврдува за настаните на аеродромот и со што, според нив, вината јасно се посочува кај Гаши.

СДСМ очекува премиерот Христијан Мицкоски да побара одговорност од спикерот за што, како што велат од партијата, и тие ќе дадат поддршка.

„Според извештајот на МВР стои дека „Пријавениот С.С. бил испратен на Меѓународен Аеродром Скопје од страна на претседателот на Собрание“ и дека „Санкциите кон обезбедувачот и другите вработени во МВР, дел од обезбедувањето на Гаши се поради извршување незаконска наредба. Со ова се потврдува одговорноста кај Гаши дури и од страна на МВР. Прашуваме, зошто ништо не е преземено досега? Дали Мицкоски ќе излезе јавно да побара од него одговорност? Дали МВР ќе покрене постапка? Или решија да го пуштат низ вода обезбедувачот, на сметка да го заштитат нарачателот? Бараме итно Мицкоски да го смени Гаши од Претседател на Собранието за што СДСМ ќе му даде поддршка. Го повикуваме обивнителството да покрене постапка, а Мицкоски да излезе во јавноста и да побара од Гаши политичка одговорност“, изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Левица, пак, денеска поднесе интерпелација за работата на Гаши поради „воведување непринципиелни политики во Собранието“.

Интерпелацијата, напишана на 10 страници, има 7 точки-причини, а една од нив е и наредбата на спикерот до неговото лично обезбедување да замине за скопскиот аеродром и да ја реши ситуацијата со претседателката на Косово.

„Втората основа по која ја поднесуваме интерпелацијата е повреда на дипломатските правила за обезбедување ВИП личности, а тоа е актуелниот случај кога шефот на обезбедувањето на спикерот на македонското Собрание учествуваше во практично дипломатски скандал на Меѓународниот аеродром во Скопје и спикерот Гаши јавно призна дека лично ја дал наредбата за негова интервенција во недозволена ареа“, вели Димитар Апасиев, претседател на Левица.

Ставот на најголемата владејачка партија - ВМРО-ДПМНЕ е дека нема потреба од смена на собранискиот спикер, зашто како што тврдат, одговорноста е лоцирана и институциите превзеле итни и неодлoжни мерки.

Од „Вреди“, коалицијата на албански партии од чии редови доаѓа Гаши немаат одговор дали од него ќе бараат одговорност за тоа што пратил луѓе од неговото обезбедување, надвор од неговите ингеренции, на скопскиот аеродром.

„Ако има каква било забелешка од страна на партија или од институција, тоа ќе се разгледува. Засега немаме став за ова прашање“, вели Беким Сали од Коалицијата „Вреди“.

МВР вчера во детали го објасни случајот – шефот на обезедувањето на Гаши, со уште двајца членови на тимот, по наредба на спикерот, дошол пред ВИП салонот на аеродромот и притоа дури и репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците стационирани таму барајќи одговор зошто се инсистирало на тоа косовската претседателка да помине низ безбедносна контрола на аеродромот.

Одделот за внатрешна контрола на МВР го суспендираше шефот на обезедувањето, а отвори и постапка против другите двајца телохранители.

За ова прашање се разговараше и на средбата меѓу македонскиот и косовскиот премиер.

На прашањето дали ќе има одговорност и за Гаши, Мицкоски одговори дека никој не е над законот.

Денеска неговата партија ВМРО-ДПМНЕ кажа дека нема да иницира смена на Гаши, иако тој наредил нешто што не во неговите законски надлежности.