Имаме многу за што да разговараме, му рече Бајден на Нетанјаху

Американскиот претседател Џо Бајден се состана со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Овалната канцеларија на 25 јули 2024 година (Фото: Ројтерс)

Американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес одржаа разговори во Белата куќа за прекин на огнот во деветмесечната војна во Газа, а потпретседателката Камала Харис треба да се сретне со израелскиот лидер подоцна во текот на денот.

Тоа беше прв разговор лице в лице на двајцата лидери откако Бајден отпатува во Израел неколку дена по нападот на Хамас на 7 октомври, го прегрна Нетанјаху и вети американска поддршка.

Посетата се совпаѓа со промената во американската политика. Во неделата, Бајден се повлече од претседателската трка во САД под притисок на колегите демократи и ја поддржа Харис за претседателската номинација на партијата во 2024 година.

„Имаме многу за што да разговараме“, рече Бајден кога го пречека Нетанјаху во Овалната канцеларија.

„Сакам да ви се заблагодарам за 50-годишната јавна служба и 50-годишната поддршка за државата Израел“, му рекол Нетанјаху на Бајден, наведувајќи ја половина век јавната служба на претседателот.

Во доцните попладневни часови, Харис ќе се сретне со израелскиот лидер во нејзината канцеларија во Белата куќа.

Состанокот внимателно ќе се следи за знаци за тоа како Харис, која беше првата висока американска функционерка која повика на прекин на огнот, може да ја смени американската политика кон Израел доколку таа стане претседателка.

Се очекува Харис, рече американски официјален претставник, да се фокусира на страдањата на Палестинците, истовремено поддржувајќи го правото на Израел на самоодбрана.

Бајден и Нетанјаху подоцна ќе се сретнат со семејствата на американските заложници кои ги држи Хамас.

Двајцата лидери со месеци имаат затегнати односи поради израелските напади врз Газа, во кои според здравствените власти во палестинската енклава управувана од Хамас, загинаа повеќе од 39.000 луѓе и предизвикаа хуманитарна криза.

САД се главен снабдувач на оружје за Израел и ја заштитија земјата од критичните гласови на Обединетите нации.

Конфликтот започна на 7 октомври кога милитантите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел од Газа, при што загинаа 1.200 луѓе. Израел започна одмазднички напад.

Борците предводени од Хамас зедоа 250 заробеници на 7 октомври, според израелските податоци.

Околу 120 заложници се` уште се држат, иако Израел верува дека секој трет е мртов.

Белата куќа е опкружена со дополнителна безбедносна ограда за да се заштити од демонстрантите денес.