Илиноис е втора сојузна држава што го прогласи септември 2023 за месец на македонското наследство

Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски, се вели во известувањето од гувернерот Џеј Би Рицкер

Гувернерот на Илиноис Џеј Би Рицкер го прогласи септември 2023 за месец на македонско-американското наследство.

Ова е најнова прокламација од серија известувања за славење на македонската култура во САД овој месец, меѓу кои од градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон и од гувернерката на сојузната држава Мичиген Гречен Витмер.

„Илиноис е дом на многу македонски Американци кои придонесуваат културно, економски и филантропски“, се вели во известувањето.

Во него пишува дека „бројни вредни македонски имигранти помогнаа да се одржи американскиот претприемачки дух и се дел од историјата и културата на Чикаго“.

Гувернерот наведе и успешни македонски Американци со бизнис во Чикаго, меѓу кои бизнисменот Мајк Зафировски, поранешен извршен директор на „Моторола“ и „Нортел“, Дино Делевски, основач и тренер на младинската фудбалска организација „Чикаго Инферно“, и повеќе други.

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс, пак, ја прогласи минатата сабота, 16 септември, за ден на македонското наследство, кога македонското знаме се крена на Вол Стрит по повод 32 години независност.

Во јули републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Гласот на Америка на македонски ja контактираше канцеларијата на сенаторот Брон за статусот на оваа резолуција во моментов, но оттаму се` уште нема одговор.

Овие резолуции и прокламации се на барање на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).