Хеликоптери, пожарникари, војска во битка со пожарот кај Пехчево

Your browser doesn’t support HTML5

На стадионот во Пехчево се монтира базен од кој хеликоптерите ќе црпат вода за гаснење на пожарот што од синоќа гори во близина на пехчевското село Негрево, кое е спасено од огнот. Кон пределот Буковик се упатени и припадници на армијата за гаснење на пожарот.

Главната битка со пожарите денеска претпладне се води во општината Пехчево, каде вклучени хеликоптери, пожарникари, како и припадници на армијата. Пехчево и селото Негрево вчера беа во опасност да бидат зафатени од огнот, но тоа било успешно спречено. Денеска фокусот е ставен на пределот Буковик, каде пристапот е огранилен поради присуство на неексплодирани експлозивни средства.

Вкупно во државата денеска има петнаесетина пожари, и тоа кај Пехчево, Старо Нагоричане, Кратово, Куманово, Свети Николе, Македонски Брод, Пробиштип, Дојран, Пласница и Карбицни.
Од Центарот за управување со кризи најавија дека е обезбедена и меѓународна помош преку механизмот на ЕУ за цивилна заштита. Од Србија веќе пристигнал еден хеликоптер за гаснење, се очекува хеликоптери од Чешка, кој е со капацитет од три тона, како и два ер-трактора од Германија.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов рече дека состојбата со пожарите е сериозна, но не е алармантна и упати апел до граѓаните да не се собираат самоиницијативно за гаснење на пожарите.

„Како држава имаме доволно припадници на армијата, доволно припадници на полицијата. Ќе испратиме доволно војска и полиција кога градоначалниците ќе го побараат тоа. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист и можат да ги попречуваат активностите на професионалните служби. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места“, рече Ангелов.