Германците ќе излезат на гласање на 23-ти февруари по падот на трипартиската коалициона влада.
Канцеларот Олаф Шолц изјави дека повторно ќе биде кандидат на социјалдемократите. Но, главната опозициска демохристијанска партија имаат големо водство во анкетите. Лидерот Фридрих Мерц се залагаше за побрзи избори.
„Дозволете ми само да ги потсетам сите дека немаме федерален буџет за 2025 година“, рече Мерц.
Владејачката коалиција од три партии пропадна по несогласувањата околу земање нов долг за финансирање на буџетот за 2025 година, вклучително и за обезбедувањето воена помош за Украина.
Берлин е вториот најголем донатор на воена помош за Киев по САД, давајќи околу 11 милијарди долари по руската инвазија во февруари 2022 година.
Владата во заминување планираше да ја намали таа помош на нешто повеќе од четири милијарди долари следната година.
„Ова е лош момент за Украина, лош за Европа. Тоа значи дека Германија ќе биде преокупирана со себе неколку месеци пред да имаме нова влада“, вели Матиа Нелес, од Германско-украинското биро.
Изборите треба да се одржат само неколку недели по инаугурацијата на Доналд Трамп за следен претседател на САД.
„Најлошиот случај од кој многумина се плашат во Берлин и Киев, администрација на Трамп што ќе ја преземе власта во јануари, а потоа да ја намали или стопира помошта за Украина, ќе ја принуди германската влада, владата на Шолц со сегашниот парламент, да го зголеми финансирањето за Украина“, додава Нелес.
Исто така, не е јасно што би можело да значи претстојното претседателство на Трамп за пошироката европска безбедност - вклучувајќи го распоредувањето на американските сили и опрема, како што се ракетните системи со долг дострел Томахавк, вели аналитичарката Марина Мирон.
„Она што друго би можело да се смени е поставувањето на [американските] Томахавк во Германија. Значи, имаме ситуација кога, да речеме, Трамп може да спроведе антиглобална агенда и да ги поттикне земјите од НАТО да инвестираат повеќе од својот БДП во одбраната“, посочува Мирон.
Европа замрзна околу 200 милијарди долари руски имот по инвазијата на Москва на Украина. Каматата се користи за да се финансира оружјето за Киев. Некои тврдат дека е време целосно да се заплени имотот.
„Европа седи на 200 милијарди американски долари замрзнати руски средства. И мислам дека администрацијата на Трамп ќе ги поттикне Европејците да одат понатаму. И тоа е добредојдена вест од украинска страна - да не се даваат само заеми и кредити врз основа на замрзнати руски средства, туку да се пристапи кон конфискација на имотот. И тоа е секако нешто што го поддржуваат и многумина во Германија“, посочува Нелес.
Канцеларот Шолц ги надгледуваше германските напори да се стави крај на зависноста од евтината руска енергија. Но, аналитичарите велат дека тоа ја поттикнало инфлацијата и ја поткопало довербата во најголемата европска економија.
Во исто време, аналитичарите велат дека Германија се бори да го надмине децениското недоволно инвестирање во нејзините вооружени сили - нешто што следната влада ќе мора да го реши.