Еден загинат и најмалку 15 ранети во ракетен напад на клиника во Днипро, вели Украина

  • VOA

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „нелуѓето“ кои го започнале нападот мора да бидат поразени

Официјални лица во Украина соопштија дека во ракетен напад денес утрово врз клиника во украинскиот град Днипро загинало едно лице, а најмалку 15 биле ранети, меѓу кои и две деца.

Локалните медиуми објавија видео на кое се гледа како пожар ја зафати двокатна зграда во Днипро.

Во изјавата, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека „нелуѓето“ кои го започнале нападот мора да бидат поразени.

Во меѓувреме, град во рускиот регион што се граничи со Украина беше под удар на украинска артилерија денес.

Украина вчера соопшти дека нејзините сили собориле 36 беспилотни летала од иранско производство, кои Русија ги користела за напад на области во западна Украина.

Украинското министерство за одбрана соопшти дека руските сили „најверојатно имале за цел да нападнат критична инфраструктура и воени објекти“.

Зеленски објави на Телеграм дека тоа било „непријатна ноќ“.

„Продолжувајќи да ја тероризира Украина, непријателот употреби 36 шахиди. Ниту еден од нив не стигна до својата цел. Благодарност до нашите сили за воздушна одбрана за 100 отсто резултат“, рече Зеленски.

Сергеј Аксјонов, лидерот на Крим окупиран од Русија, рече дека вчера противвоздушната одбрана соборила шест беспилотни летала во текот на ноќта.

Тој на Телеграм рече дека никој не бил убиен или повреден.

Шефот на руската платеничка група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, во видео објавено вчера изјави дека неговите сили почнале да се повлекуваат од украинскиот град Бахмут.

Пригожин рече дека руската војска доаѓа да ги замени силите на Вагнер и дека неговите единици ќе го завршат своето повлекување до први јуни.

Соопштението дојде еден ден откако Пригожин рече дека долгата битка за Бахмут убила 20.000 негови борци.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Агенцијата Франс-прес и Ројтерс