Џон Кери ќе патува во Кина следната недела

Американскиот претставник за клима ќе оди на разговори за спречување на глобалната климатска криза и покрај тензиите меѓу двете најголеми светски економии

Американскиот претставник за клима Џон Кери во понеделник ќе стане третиот висок функционер на администрацијата на Бајден што ќе ја посети Кина во последните неколку недели по патувањата на секретарката за финансии Џенет Јелен и државниот секретар Ентони Блинкен.

Американски официјален претставник во вторникот изјави дека Кери ќе ја посети Кина од понеделник до четврток.

Вашингтон се обиде да ги поправи врските со Пекинг кои се нарушени поради прашањата за националната безбедност, вклучително и за Тајван, наводи за шпионирање, забрани за извоз на напредни технологии од САД, индустриските политики на Кина предводени од државата, за прашања за човекови права, за потеклото на пандемијата на ковид-19 и трговските тарифи.

Кери во мај рече дека Кина го поканила да го посети „во блиска иднина“ на разговори за спречување на глобална климатска криза и покрај тензиите меѓу двете најголеми светски економии.

Двете земји претходно соработуваа за климатските промени со откритија кои доведоа до Парискиот климатски договор во 2015 година.

Кери последен пат се сретна со својот кинески колега во јануари.

Јелен изјави за време на викендот дека нејзините состаноци со високи кинески функционери биле „директни“ и „продуктивни“, помагајќи да се стабилизираат често тешките односи меѓу суперсилите.

Минатиот месец Блинкен се сретна со претседателот Шји Џјинпинг во Кина, но набргу по завршувањето на неговото патување, американскиот претседател Џо Бајден го нарече Шји „диктатор“, ризикувајќи дополнително влошување на односите.

Посетите опфатија низа теми, но не донесоа јасни резултати.

Кина минатата година накратко ги прекина разговорите со САД за климата, безбедноста и други прашања, како одговор на посетата на Тајван на тогашната спикерка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

Извор: Ројтерс