Дискусии во САД после номинацијата на ветеран и поранешен тв водител за секретар за одбрана

Your browser doesn’t support HTML5

Новоизбраниот претседател Доналд Трамп имаше неочекуван избор да раководи со најголемата војска во светот, номинирајќи го телевизискиот водител на „Фокс Њуз“ и армиски ветеран Пит Хегсет за секретар за одбрана. Известува Карла Баб.

Пит Хегсет е одликуван ветеран на Националната гарда на армијата кој служел во Ирак, Авганистан и заливот Гвантанамо. Но, поранешниот водител на емисија на Фокс нема претходно искуство во владата или со управување со голема организација.

„Мислам дека ова е исклучително необичен избор. Ова не работа за почетник и би очекувале некој што доаѓа на оваа работа да има значително менаџерско искуство“, вели Марк Монтгомери од Фондацијата за одбрана на демократиите.

Хегсет навести неколку промени во Одделот за одбрана, спротивставувајќи се на програмите за различност, правичност и инклузивност во Пентагон, кои тој ги смета за премногу прогресивни.

„Во нашите редови нема црни, бели и кафени. Сите сме зелени и сите крвавиме црвено. Нашата сила не е во нашата различност, туку во нашето единство и во нашата љубов кон нашата нација, нашите семејства и пред сè, меѓусебе“, најави Хегсет.

Хегсет, исто така, предложи отстранување на жените од борбените позиции.

„Јас само велам, не треба да имаме жени во борбени улоги. Тоа не нè направи поефикасни; не нè направи посмртоносни; ги направи борбите покомплицирани“, смета Хегсет.

Истражувачите на Маринскиот корпус ги споредиле сите машки и родово интегрирани борбени единици од 2014 до 2015 година. Тие откриле дека целите машки единици биле побрзи и посилни.

Но, родово интегрираните групи имале подобри вештини за решавање проблеми. Моралот останал ист. Секретарот за одбрана Лојд Остин ја испрати оваа порака до жените кои сега служат на борбени позиции, откако ги завршија истите исцрпувачки задачи како и мажите.

„Мислам дека нашите жени додаваат значителна вредност на војската на САД. Ни требате, веруваме во вас, ја цениме вашата услуга и додавате вредност на најдобрата и најсмртоносната борбена сила на планетата“, истакна Остин.

Трамп го пофали неговиот избор кој бил образован во Хавард и Принстон како „цврст, паметен и кој вистински верува во Америка“.

По номинацијата на Хегсет, се појавија извештаи за обвинение за сексуален напад од 2017 година. Хегсет рече дека во тоа време му платил на лицето што го обвинило за да избегне публицитет. Тој, исто така, вели дека средбата била консензуална.

„Прашањето беше целосно истражено, и јас бев целосно ослободен. Тука ќе завршам“, беше категоричен Хегсет.

Мнозинството во Сенатот мора да ја потврди номинацијата на Хегсет. Иако републиканците во моментов го држат мнозинството со три места, аналитичарите велат дека тоа не гарантира потврда, со неговиот став против жените во борбите што многумина во Конгресот го сметаат за застарен.

„Како што ги гледам сенаторите, знаете, таму ја имате сенаторката Џони Ернст, самата таа, жена воен ветеран. Сигурен сум дека ќе има интересни прашања за него и за неговите мислења. Значи, од моја перспектива, тоа ќе биде многу проблематично прашање“, смета Монтгомери.

Новоизбраниот претседател Трамп имаше тешки односи со секретарите за одбрана во неговата прва администрација. Еден од нив, поранешниот секретар за одбрана Марк Еспер, го нарече Трамп „неспособен за функцијата“. Официјални лица велат дека лојалноста на Хегсет кон Трамп е силна.