Десет илјади американски војници се на ротација во Полска, фронтот на НАТО. Првата коњичка дивизија на Армијата на САД ја презеде контролата од Третата пешадиска дивизија за источноевропската мисија.
Војската на САД тесно соработува со сојузниците во НАТО за зајакнување на одвраќањето.
Во 2020 година, тие повторно го активираа Петиот корпус, подобрувајќи ја командата и контролата за американските, сојузничките и партнерските сили во Европа.
Генерал-полковник Чарлс Костанца, командантот на Петиот корпус, вели дека Русија претставува краткорочна закана за НАТО.
„Мислам дека има малку погрешна перцепција оти имаме време и дека Русија претрпела многу загуби и дека ќе им треба време за да се обнови и реконституира. Јас го немам тоа сфаќање. Мислам дека треба да бидеме подготвени во блиска иднина“, вели генералот Констанца.
Украинските власти и извештаите на западното разузнавање велат дека загубите на Русија во Украина биле тешки - со речиси 50.000 војници убиени во акција.
Но, Костанца вели дека руските сили брзо се обновуваат, и иако не биле толку добро обучени како војниците на НАТО, се зголемиле од почетокот на нивната целосна инвазија.
„Тие исто така се модернизираа по лекциите од борбите во Украина, што ќе биде проблем за нас на Запад, бидејќи Украина користи западна опрема. Тие користат западни техники. Русија учи како да го победи тоа“, додава Констанца.
Тој гледа вистинско чувство на итност НАТО да биде подготвена. Полските партнери се согласуваат и им изразуваат добредојде на американските трупи.
Полска отсекогаш ја гледала Русија како закана. Но, бригадниот генерал Фајковски, командант на 11-та оклопна коњичка дивизија на полската Армија, вели дека сите сојузници на НАТО сега ја препознаваат сериозноста на таа закана.
„Сега кога Русија ја нападна Украина, сите маски се тргнати. Сега знаеме сè. Русите покажуваат како размислуваат, како функционираат и сега сè е јасно“, вели генералот Фајковски.
Тој нагласува колку е важно Полска да има американски војници стационирани на нејзина територија, како одвраќање.