Дебати и поделеност во САД поради кинеска фабрика за батерии во Мичиген 

Your browser doesn’t support HTML5

Во регионот Среден Запад во САД, локална борба околу кинеска фабрика за батерии за електрични возила ја одразува пошироката американска контроверзност за кинеските инвестиции. Анализа на Кала Ју.

Биг Рапидс - мал град со речиси 8.000 жители во Мичиген. Голем дел од неговиот јавен живот се одвива овде, на бензиска станица. Кинеската компанија наречена Гоушн длабоко го подели овој дел од државата.

„Има проблеми во нашата заедница сега“, вели Пат Кари, сопственик на бензинска станица.

Компанијата планира да инвестира 2,4 милијарди долари за изградба на фабрика во областа за производство на компоненти за батерии за електрични возила, нешто што предизвика мешани реакции кај жителите.

„За целокупната економија, тоа ќе биде поттик“, смета Ал Лосон, жител на Биг Рапидс.

Жителот Доналд Хелдер сака Гоушн да биде овде.

„Бидејќи испраќаме толку многу американски долари во Кина, треба да најдеме начин да вратиме дел од тоа преку инвестиции во нашата американска економија“, вели Хелдер.

Но, други се загрижени за врските на Гоушн со Кина.

“Јас сум 100% против Гоушн. Мислам дека има сериозни еколошки грижи. Но, за мене, тие веројатно се засенети од безбедносните грижи', вели Брус Боркович, Заменик-одговорен на градот Биг Рапидс.

Директорот на ФБИ Кристофер Вреј, предупреди за „матната“ врска меѓу кинеската влада и нејзиниот „приватен сектор“ и потенцијалот дека Пекинг би можел да ја искористи ранливоста на САД и да ја поткопа нивната национална безбедност.

Гоушн не одговори на барањето на Гласот на Америка за коментар. Гоушн е основана во Кина, а нејзината подружница во САД е со седиште во Калифорнија. Членовите на одборот потекнуваат од Кина, САД и Германија.

Потпретседателот на производство во Северна Америка Чак Телен рече дека неговата компанија се третира поинаку од другите.

„Нешто поттикна некој да одлучи дека Гоушн е жртвено јагне кога имаме многу слични деловни практики со многу компании кои се веќе тука“, вели Телен.

Кинеските инвестиции во САД се тема на разговор на овогодинешните претседателски избори.

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп и неговиот потпретседател Џеј-Ди Венс ги обвинуваат демократите дека ги користеле парите на даночните обврзници за да ѝ платат на Кина да отвори продавница во САД.

„Кина ја купува нашата технологија. Тие обезбедуваат залихи на храна. Тие го откупуваат нашето обработливо земјиште“, вели Трамп.

Според „Њујорк тајмс“, Гоушн добил 800 милиони долари субвенции од стратешкиот фонд на Мичиген и може да се квалификува за даночни кредити според Законот за намалување на инфлацијата.

Гувернерката на Мичиген Гретчен Витмер и другите демократи тврдат дека стимулациите за компаниите како Гоушн помагаат да се задржи бизнисот во државата наместо во странство.
Во мај Витмер рече: „Не можеме да дозволиме кинеските компании да бидат единствените кои имаат иновации околу електричните возила, бидејќи тогаш тие ќе го земат нашиот ќар како што гледаме дека се случува во Европа“.

Демократската претседателска кандидатка Камала Харис, исто така, зборуваше за американско-кинеската конкуренција во нејзиното главно обраќање на Демократската национална конвенција.

„Ќе се погрижам да го водиме светот во иднина на вселена и вештачката интелигенција, и дека Америка, а не Кина, ќе победи на натпреварот за 21 век“, рече Харис.

Некои жители овде велат дека натпреварот помеѓу САД и Кина поттикнува дебата.

„Целиот отпор што доаѓа од националниот проблем, направи сè да е антикинеско“, додава Лосон.

И проблемот со Гоушн го стави Биг Рапидс на мапата на кампањата, а Венс беше овде во август.