Честитки од ЕУ до Сиљановска-Давкова, но и потсетување на договорот од Преспа

Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, истакна Сиљановска-Давкова додека ја читаше заклетвата, додека потписот го стави врз документ во кој стои уставното име Република Северна Македонија

Многу е разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција, напиша Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет.

За Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа.

Тоа е една од двете пораки што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа „Икс“ ги упати до новата македонска претседателка, Гордана Сиљановска Давкова.

Во првата порака говорот на Дер Лајен е нешто поблаг и срдечен, и во неа таа ѝ посакува успех на Гордана-Сиљановска.

„Честитки, Гордана Силјановска-Давкова, што станавте првата жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на својот пат кон ЕУ“, вели Дер Лајен во пораката и додава дека со нетрпение ја очекува соработката со Сиљановска-Давкова.

Инаугурација на Гордана Сиљановска-Давкова, Скопје, 12 мај, 2024

Во сличен стил беше и пораката што преку истата социјална мрежа ја упати и Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет.

„Многу е разочарувачки што новата претседателка на Северна Македонија не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на заклетва. ЕУ потсетува на важноста од континуирано спроведување на правно обврзувачките договори, вклучувајќи го и договорот од Преспа со Грција“, стои во пораката од Мишел.

Исто како и Дер Лајен, така и претседателот на Европскиот совет беше повеќе срдечен во првата порака до Сиљановска-Давкова, при што напиша:

„Честитки за новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Силјановска-Давкова. Со нетрпение очекувам да работам со вас на унапредување на 🇲🇰 патот кон ЕУ, преку спроведување на реформи и обврски. Иднината на Северна Македонија и Западен Балкан е во 🇪🇺“, напиша првично Мишел.

Грчката амбасадорка ја напушти инаугурацијата откако Сиљановска-Давкова не го употреби уставното име Република Северна Македонија (Дипломатскиот кор гостуваше во Собранието)

Со реакција се јави и грчкото министерство за надворешни работи, од каде посочија на обврската за почитување на Преспанскиот договор.

„Грција, во овој контекст, категорично изјавува дека дополнителниот напредок во нејзините билатерални односи со Северна Македонија, како и европскиот тек на земјата зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно од употребата на уставното име на земјата“, се вели во реакцијата од грчкото МНР, а кое ја пренесе Македонската информативна агенција.

Рекациите доаѓаат откако денеска, за време на инаугурацијата во Собранието, македонската претседателка, додека ја читаше заклетвата не го спомна уставното име на државата, со придавката „северна“, и го употреби само името Македонија.

„Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја вршам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија“.

Тоа беше заклетвата што македонската претседателка ја кажа за време на нејзината инаугурација, иако во самиот текст, што таа го потпиша стои уставното име, Република Северна Македонија.

Инаугурација и примопредавање на претседателската функција за новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова

Понатаму, во својот говор, Сиљановска-Давкова се фокусира на пораките за обединување, како и за местото на жените во македонското општество.

„Ќе го почитувам овој парламент, ќе ги заборавам лошите моменти, ќе ги помнам само добрите, ќе бидам претседателка и на левата и десната страна, на сите граѓани, нема да правам разлика меѓу нив по етничка, верска, полова, ниту по која било друга основа“, истакна новата македонска претседателка.

Сиљановска-Давкова е шестиот македонски претседател. Претходно таа функција ја имаа Киро Глигоров (1991 – 1999), Борис Трајковски (1999 – 2004), Бранко Црвенковски (2004 – 2009), Ѓорге Иванов (2009 – 2019) и Стево Пендаровски (2019-2024).