Цените на гасот во Европа се зголемија на највисоко ниво од октомври 2023 година. Тоа уследи по одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку нејзината територија во Европа на први јануари.
Москва треба да губи над 5 милијарди долари годишно - додека Украина ќе изгуби околу 800 милиони долари од транзитни такси. Но, влијанието врз Европа ќе биде ограничено, вели аналитичарот Томас О’Донел.
„Се` беше подготвено. Во суштина, се` е пресметано во цената. Сега, се разбира, има победници и губитници до одредено ниво. Некои земји се повеќе зависни од други. Словачка, Унгарија, на пример, Австрија. Ќе имаат многу гас, само што ќе треба да платат повеќе, како и сите други“, вели О'Донел.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна рече дека повеќе нема да ѝ дава на Русија „можност да заработи дополнителни милијарди“ додека нејзините сили продолжуваат да водат агресивна војна на територијата на Украина.
Словачкиот премиер Роберт Фицо е близок со рускиот претседател Владимир Путин. Двајцата се сретнаа во Москва во декември.
Фицо се противи на поддршката на Западот за Киев. Говорејќи брзо откако Украина го прекина снабдувањето со руски гас, тој ја обвини ЕУ дека ги жртвува интересите на помалите членки за, како што ги нарече, „бесмислени“ геополитички цели.
„Ќе има драстичо влијание врз сите нас во Европската Унија, но не и врз Руската Федерација“, рече Фицо.
Во реалноста, Европската Унија драстично ја намали својата зависност од рускиот гас - делумно благодарение на големото зголемување на увозот на течен природен гас од САД.
Увозот на руски гас преку Украина сочинуваше околу 5% од вкупните залихи на Европа во 2024 година. Дел од гасот беше испратен во Западна Европа преку Словачка - и тоа ја објаснува загриженоста на Фицо, вели О'Донел.
„Словачка заработуваше нешто околу половина милијарда долари од транзитни такси пренесувајќи го [рускиот] гас низ нивната земја преку нивниот гасовод на други“, вели О'Донел.
Пред нејзината целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година, рускиот државен Газпром беше најголемиот снабдувач на гас во Европа. Путин погрешно го пресметал одговорот на Европа, вели О’Донел.
„Путин се прикажува себеси како голем руски националист. Па, овој голем руски националист штотуку изгуби еден од најголемите бизниси што Русија некогаш ги имала“, смета О'Донел.
Другите рути на Москва за снабдување до Европа се ограничени. Гасоводот преку Белорусија беше затворен во 2022 година. Месеци подоцна, гасоводот Северен тек под Балтикот до Германија беше саботиран.
Русија се` уште може да испорачува гас на Унгарија, Турција и Србија преку гасоводот Турски тек.