Кејн негира наводи за сексуално напаствување

Кејн негира наводи за сексуално напаствување

Републиканскиот претседателски кандидат Херман Кејн вели дека е погрешно обвинет за сексуално напаствување на две жени во 1990-те. Кревањето на Кејн на врвот на републиканското поле на кандидати е најголемо изненадување во раната фаза на претседателската трка за 2012-та, но прашање е дали ќе остане?

Херман Кејн дојде во центарот на вниманието во Вашингтон со говор во Националниот прес клуб. Но Кејн се најде во позиција да се брани веднаш штом Политико.ком изнесе дека две жени го обвиниле за сексуално напаствување кога бил раководител на Националната ресторантска асоцијација во 1990-те.

„Никого не сум напаствувал сексуално. Второ, додека сум бил во ресторантската асоцијација сум бил обвинет за сексуално напаствување. Погрешно обвинет, би додал. Така беше заклучено по темелна истрага што покажа дека било неосновано“.

Политико извести дека две неидентификувани жени добиле големи финансиски надоместоци во замена за напуштање на асоцијацијата и согласување да не зборуваат за случајот. Кејн кажа дека не знаел за тоа.

Ова доаѓа во критичен момент за претседателската кампања на Кејн која напредуваша последниве недели. Поранешниот бизнисмен од Џорџија е близу до врвот на националните анкети и има мала предност на последното истражување на јавно мислење во Ајова, државата која започнува со процесот за номинација на 3-ти јануари.

Кејн беше запрашан за причините на неговото метеорско политичко кревање во недела, на програмата на CBS „Соочете се со нацијата“.

„Тие се искрено ентузијастични за тоа што јас го велам и како го велам. Американците сакаат да се гордеат и во моментов не ја чувствуваат таа гордост“.

Кејн е конзервативен Афро-Американски бизнисмен чиј единствен претходен излет во политиката завршил со неуспешен обид да влезе во американскиот Сенат од Џорџија.

Анкетарот од Квинипек универзитетот, Питер Браун, вели дека Херман Кејн гради поддршка меѓу најактивните републикански гласачки групи, активистите на Ти парти кои притискаат за помала централна влада и свеж приод кон раководењето.

Според Браун и други аналитичари главниот предизвик за Кејн сега е да надогради врз политичкиот моментум со убедливо настапување на некои од раните гласања. Но, таа задача е компликувана со фактот дека Кејн има малку пари и мала кампањска организација на места каде рано се гласа, како Ајова и Њу Хемпшир.