Блинкен рече дека ќе работи со Конгресот на одговор на одлуката на МКС за Газа

Говорејќи на сослушување на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Блинкен го нарече потегот на Меѓународниот кривичен суд „длабоко погрешна“ одлука која ќе ги комплицира изгледите за постигнување договор за заложници и прекин на огнот

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес рече дека администрацијата на Бајден би сакала да работи со Конгресот за да формулира соодветен одговор на обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан, кој сака да издаде налози за апсење на израелските лидери поради војната во Газа.

Говорејќи на сослушувањето на Комитетот за надворешни односи на Сенатот, Блинкен го нарече потегот „длабоко погрешна“ одлука која ќе ги комплицира изгледите за постигнување договор за заложници и прекин на огнот во конфликтот на Израел со палестинската милитантна група Хамас.

Обвинителот Кан вечера рече дека има разумна основа да верува оти израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, шефот на одбраната на Израел и тројцата лидери на Хамас „носат кривична одговорност“ за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото.

Вашингтон остро ја критикуваше најавата на Кан, тврдејќи дека судот нема јурисдикција за конфликтот во Газа и изразувајќи загриженост за процесот.

САД не се членка на судот, но ги поддржаа минатите гонења, вклучувајќи ја и одлуката на МКС минатата година да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин поради војната во Украина.

„Ќе бидеме среќни да работиме со Конгресот, со овој комитет, на соодветен одговор“, рече Блинкен.

Тој не кажа каков одговор може да има како реакција на потегот на МКС.

Републиканските членови на Конгресот се заканија со законодавство за воведување санкции на МКС, но мерката не може да стане закон без поддршка од претседателот Џо Бајден и неговите колеги демократи, кои го контролираат Сенатот.

Во 2020 година, администрацијата на тогашниот претседател Доналд Трамп го обвини МКС за кршење на националниот суверенитет на САД кога одобри истрага за воените злосторства извршени во Авганистан.

САД го таргетираа судскиот персонал, вклучително и тогашниот обвинител со замрзнување на имотот и забрани за патување.