Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан во понеделникот објави дека бара налози за апсење на израелскиот премиер и министер за одбрана и тројца лидери на Хамас во Газа за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната меѓу Израел и Хамас.
Одлуката предизвика мноштво реакции. Израелскиот претседател Исак Херцог ја нарече најавата срамота и оти „покажува до кој степен меѓународниот судски систем е во опасност од колапс“.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, ги повтори коментарите на Херцог, нарекувајќи го барањето на МКС за издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант како „срамна одлука“.
Американскиот претседател Џо Бајден ја осуди одлуката на обвинителот на МКС да ги изедначи терористичките напади на Хамас и киднапирањата цивили во јужен Израел со воените практики на Израел во Газа.
Апликацијата на обвинителот на МКС за налог за апсење на израелските лидери беше „претерана“, рече Бајден во изјавата од понеделникот.
„И дозволете ми да бидам јасен: што и да сугерира овој обвинител, нема еквивалентност – ниту една – меѓу Израел и Хамас“, рече претседателот.
Во посебна изјава, американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги повтори коментарите на Бајден и го нарече потегот на МКС да го спореди Израел со Хамас „срамен“.
„Хамас е брутална терористичка организација која го изврши најтешкиот масакр на Евреите од Холокаустот и сè уште држи во заложништво десетици невини луѓе, вклучително и Американци“, рече Блинкен.
Тој додаде дека оваа одлука „може да ги загрози тековните напори за постигнување договор за прекин на огнот што ќе ги ослободи заложниците и ќе ја зголеми хуманитарната помош, кои се цели што САД продолжуваат да ги следат“.
Исламистичката група Хамас, која САД, Обединетото Кралство и други земји ја означија како терористичка милитантна организација, ја осуди одлуката на обвинителот на МКС да бара налози за апсење на тројца нејзини водечки членови.
Тој го обвини обвинителот Кан дека се обидел да ја „изедначи жртвата со џелатот“.
Во соопштението од понеделникот, групата рече дека има право да се спротивстави на израелската окупација, вклучувајќи го и „вооружениот отпор“.
Израел не е членка на МКС, па дури и да бидат издадени налози за апсење, Нетанјаху и Галант не се соочуваат со непосреден ризик од кривично гонење.
Но, најавата на Кан ја зголемува изолацијата на Израел додека тој продолжува со својата војна, а заканата од апсење може да го отежне патувањето на израелските лидери во странство.
Некои информации во текстот се од Ројтерс, Асошиетед прес и агенцијата Франс-прес