Државниот секретар на САД Ентони Блинкен повика на деескалација на тензиите со Косово за време на денешниот разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Секретарот ја поздрави веста за ослободување на тројцата косовски полицајци. Секретарот, исто така, повтори дека одговорните за нападите врз Косовските сили (КФОР), меѓународните мировни сили предводени од НАТО на Косово, треба да бидат повикани на одговорност“, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Во соопштениeто се нагласува „континуираната поддршка на САД за планот од три точки на ЕУ и ја повика Србија веднаш да преземе чекори за да ги спроведе своите обврски од договорот за нормализација“.
Минатата недела, како што пренесе Асошиетед прес, лидерите на Србија и Косово не постигнале напредок во вонредните разговори чиj домаќин беше ЕУ, со цел да се смират тензиите околу нивната граница.
Вишиот дипломат на Европската унија Жозеп Борел, рече дека се согласува за потребата од предвремени избори поради стравувањата од враќање на отворениот конфликт.
Србија и нејзината поранешна покраина Косово се во судир со децении. Војната од 1998 до 1999 година остави повеќе од 10.000 загинати, главно косовски Албанци.
Белград одби да ја признае Декларацијата за независност на Косово во 2008 година.
„Мислам дека двајцата лидери ја разбираат сериозноста на ситуацијата“, рече тогаш Борел по повеќечасовните разговори со косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Двајцата лидери одбија да се сретнат лице в лице во Брисел, но одржаа одделни разговори со Борел.
Тој призна дека тие имаат „различни толкувања на причините, а исто така и на фактите, последиците и решенијата“.
Тензиите повторно се разгореа минатиот месец откако косовската полиција влезе во локалните општински згради во северно Косово, каде Србите претставуваат мнозинство, за да постави градоначалници етнички Албанци кои беа избрани на локалните избори, на кои Србите со големо мнозинство ги бојкотираа.