Бајден и Нетанјаху ќе разговараат за војната во Газа и ослободување на заложниците

  • VOA

Претседателот Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на состанок во Тел Авив на 18 октомври 2023 година

Американскиот претседател Џо Бајден е домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на разговори денес во Белата куќа, кои се очекува да се фокусираат на војната на Израел против Хамас во појасот Газа.

Висок официјален претставник на американската администрација изјави за новинарите вчера дека Бајден ќе ја изрази „својата цврста посветеност на безбедноста на Израел“ и дека средбата ќе вклучи дискусија за заканите за Израел од групите на Блискиот Исток поддржани од Иран, како што се Хамас, Хезболах со седиште во Либан и јеменските милитанти Хути.

Покрај хуманитарната ситуација во Газа, Бајден и Нетанјаху, исто така, треба да разговараат и за напорите да се обезбеди договор за прекин на огнот со запирање на борбите, ослободување на заложниците кои ги држи Хамас во Газа, ослободување на палестинските затвореници од Израел и проток на хуманитарна помош за Палестинците во Газа.

САД соработуваат со Египет и Катар за да посредуваат во преговорите за прекин на огнот, кои траат со месеци поради конкурентните барања од Израел и Хамас.

Високиот претставник на американската администрација рече дека во основа постои рамка за првата фаза од предвидениот договор во три фази и дека САД очекуваат „многу активности во текот на следната недела“ додека преговарачите се обидуваат да склучат договор.

Првата фаза би траела 42 дена и вклучувала Хамас ослободување на некои од заложниците, вклучувајќи жени, мажи постари од 50 години и оние кои се болни и ранети.

Американскиот функционер рече дека она што останува да се дознае се чекорите за имплементација за првата фаза, „како тоа всушност ќе функционира секој ден“.

„Има некои работи што ни требаат од Хамас, а има некои работи што ни требаат од израелската страна“, рече претставникот.

По нивната средба, Бајден и Нетанјаху треба да се сретнат со семејствата на Американците кои се меѓу заложниците.

Распоредот на Нетанјаху, исто така, вклучува разговори подоцна денес со потпретседателката Камала Харис, која сега е главен потенцијален демократски кандидат на претседателските избори во САД во ноември.

Републиканскиот кандидат, поранешниот претседател Доналд Трамп, е домаќин на Нетанјаху на разговори в петок.

Нетанјаху во средата излезе пред Конгресот на САД за да одржи говор во кој ја бранеше војната на неговата земја против Хамас и вети дека ќе продолжи со борбата против палестинските милитанти до „тотална победа“ и враќање на преостанатите заложници што ги држат.

Со илјадници пропалестински, антивоени демонстранти на улиците пред Конгресот на САД и повеќе од 50 демократски законодавци кои го бојкотираа неговиот говор, Нетанјаху рече дека е уверен оти преговорите за прекин на огнот на крајот ќе успеат.

Тој го обвини Хамас за продолжување на војната, и рече во борбата против Хамас „ние не само што се заштитуваме себеси, туку ве штитиме и вас. Нашите непријатели се ваши непријатели“, рече Нетанјаху мислејќи на Америка.

„Нашата победа ќе биде ваша победа“, изјави тој.

САД се најголемиот снабдувач на оружје на Израел за време на конфликтот.

„Америка и Израел мора да бидат заедно. Кога стоиме заедно, се случува нешто навистина едноставно: ние победуваме, тие губат“, рече Нетанјаху.