Бајден го нарече Путин луд кучкин син

Минатата недела, американскиот претседател го обвини Путин и „неговите насилници“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални

Претседателот Џо Бајден го нарече рускиот претседател Владимир Путин „луд кучкин син“ за време на собирањето средства во Сан Франциско вчера, предупредувајќи дека секогаш постои закана од нуклеарен конфликт, но дека егзистенцијалната закана за човештвото останува климата.

Кремљ, пак, одговори дека Џо Бајден ги понижил САД нарекувајќи го Путин „луд кучкин син“, оценувајќи ја забелешката на американскиот претседател како дел од неуспешен „холивудски каубојски“ чин.

Вербалните напади на Бајден против Путин, исто така, нагло се интензивираа во Белата куќа и во кампањата.

Минатата недела, американскиот претседател го обвини Путин и „неговите насилници“ за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

„Не знаеме што точно се случи, но нема сомнеж дека смртта на Навални е последица на нешто што го направија Путин и неговите насилници“, рече Бајден во Белата куќа, откако руските затворски службеници објавија дека Навални починал.

Кремљ негираше вмешаност во смртта на Навални и рече дека западните тврдења оти Путин е одговорен се неприфатливи.

Бајден и Путин остануваат длабоко во несогласување околу руската инвазија на Украина пред две години, поради која Русија беше санкционирана од САД и другите западни земји.

Реакциите на Бајден доведоа до дополнително заладување во веќе огорчените американско-руски односи.

Во вторникот, Бајден рече дека САД ќе објават голем пакет санкции против Русија поради смртта на Навални и војната во Украина.

Очекуваниот републикански противник на Бајден во ноември, поранешниот претседател Доналд Трамп, изрази восхит од Путин и за време на неговиот мандат во Белата куќа 2017-2021 година и потоа.

Сепак, тој неодамна се спореди и со Навални, укажувајќи дека и двајцата се соочиле со политички мотивирани обвиненија.

„Не знам од каде доаѓа ова, по ѓаволите“, рече Бајден во средата реагирајќи на Трамп споредувајќи се со Навални.