Само 35 отсто од испитаниците во земјава одговориле дека Северна Македонија треба да застане во одбрана на друга држава-членка на НАТО во случај да биде нападната, наспроти 40 проценти кои рекле дека не треба да се приклучи во одбраната на таа земја. Овој наод е дел од опсежното истражување што Алијансата го спровела во пресрет на Вашингтонски самит на кој, меѓу другото, се одбележува и 75-годишнината од формирањето на организацијата.
Анкетата, која теренски и телефонски се вршела во сите 32 земји членки на НАТО со вкупно 31 386 испитаници покажува конзистентност во мислењето на граѓаните, 60 отсто, дека нивните држави се побезбедни како резултат на соработката меѓу северноамериканските и европските НАТО членки. Тука Северна Македонија е над просекот со 62 проценти кои одговориле со „да“.
Земјава е под вкупниот просек од 73 отсто кај прашањето дали Алијансата е важна за безбедноста на државата – 69 проценти од испитаниците одговориле потврдно.
Случно е и кај прашањето „како би гласале на референдум за членство во НАТО“ при што 64 отсто од прашаните во земјава рекле дека би се произнеле со „да“, што е под вкупниот просек од 70 проценти.
Северна Македонија има највисок процент на испитаници од сите земји-членки - 27 отсто кои одговориле дека земјата треба да троши помалку на одбраната.