Албанија продолжува, Северна Македонија ќе чека. Се реализира сценариото за кое подолг период се предупредуваше - дека двете земји се раздвојуваат во пристапниот процес кон ЕУ кој досега заедно го одеа. Така вчера решиле амбасадорите на земјите-членки на Унијата, а првиот преговарачки кластер Албанија треба да го отвори кон средината на октомври. Коментарот на Европската комисија е дека Северна Македонија за да напредува прво треба да ги исполни критеримите, мислејќи на уставните измени.
„Нашата позиција е многу јасна. ЕК се радува на отворање на првите кластери со Албанија што е можно побрзо, а и со Северна Македонија веднаш штом ги исполни критеримумите одредени од Советот“, рече Ана Писонеро, портпаролка на Европската комисија.
Your browser doesn’t support HTML5
Премиерот Мицкоски во јавноста не покажува вознемиреност – вели дека ваквиот епилог му бил навестен уште во Брисел. Неговиот став е дека неговата влада нема да прифати пристапување кон ЕУ под овие услови кои ги нарекува диктат.
„Уште кога бев во Брисел тоа беше кажано. Тоа повторно се покажува како праќање лоша порака до македонските граѓани зашто ние како држава имаме поминато многу во овие 25 години на патот кон полноправно членство во ЕУ. Ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Жалам што претходната влада прифаќање се и мафташе со европско знаме, додека го охрабруваше народот. Јас го делам впечатокот со огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални и идентски отспатки, без гаранции да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија да продолжи да преговара тогаш - `не благодарам`“, рече премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски.
Додека Мицкоски и посакуваше среќа на Албанија во натамошниот процес, опозицијата од него побара одговорност за неуспехот, изолацијата и за, како што рекоа социјалдемократите, немањето план што понатаму.
„ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската Унија. Велеа, планот ќе го соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои? До кога ќе бидете фиктивна опозиција во државата и нема да преземете одговорност и чесно да кажете што ќе се случува со оваа земја? Сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. За само 100 дена, Владата ја закопа последната надеж дека тука некогаш подобро ќе се живее. Политиките на ВМРО-ДПМНЕ кои служат само за ширење популизам и лажен патриотизам ни носат само меѓународна изолација, економска стагнација и внатрешни тензии. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Но, Мицкоски уверува дека имал план кој го претставил и во Брисел – уставни измени со одложено дејство.
„Нема проблем, ајде ќе ја завршиме процедурата, имаме број од 80, но тие амандмани што сега ќе ги поминеме да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Тоа го понудив во Брисел. Конструктивен сум - да, нудам предлози - да, спремен сум да разговарам. Доста е веќе двојни стандарди на грбот на оваа мала држава, доста е веќе, ова нема врска со европски вредности, само се изживуваат со нас“, рече Мицкоски.
Но, јасно е дека тој план не поминува во Софија како што денеска повторија првите луѓе на главните бугарски политички партии.
„Сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Ни се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија треба да ги понесат последиците од нивното досегашно однесување“, рече Бојко Борисов, претседател на ГЕРБ.
„Времето покажа дека договорот што го направивме во времето на нашата влада - францускиот предлог - се покажа многу добар за Бугарија. Реално, целата Европска унија застана на страната на Бугарија. Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен“, рече Кирил Петков од ПП-ДБ.
Засега, според изјавите на владиниот врв во Скопје, сценариото за уставни измени е речиси неоставрливо што пак значи дека европскиот пат за земјата останува блокиран, додека Албанија оди напред.