Ако не запре војната во Украина сега, цената ќе биде многу повисока, вели спикерката на летонскиот Парламент

Според неа, потребна е поддршка на Украина, особено воена, „бидејќи мораме да разбереме дека секој ден кога го одложуваме донесувањето важни одлуки, луѓето умираат на бојното поле“

Спикерката на летонскиот Парламент Даига Миериња, за Грузиската редакција на Гласот на Америка, вели дека за време на посетата на Вашингтон, заедно со балтичките колеги, им пренеле на американските законодавци дека руската агресија нема да престане сама од себе.

„Во име на Летонија, во име на нашата земја и нашиот народ, би сакале многу да му се заблагодариме на американскиот народ за вашите напори за одржување на мирот во светот. Ние сме многу благодарни за тоа бидејќи ова е многу важно за нашиот свет. И дојдовме овде во Вашингтон за да разговараме за понатамошна поддршка за Украина. Секако, помагањето на Украина е високо на агендата насекаде во светот во моментов“, вели таа.

Според неа, потребна е поддршка на Украина, особено воена, „бидејќи мораме да разбереме дека секој ден кога го одложуваме донесувањето важни одлуки, луѓето умираат на бојното поле“.

„Навистина сакавме да нагласиме дека ЕУ, исто така, прави многу и прави големи инвестиции во воената одбрана, безбедноста и поддршката за Украина. И навистина сакаме да нагласиме дека вкупната поддршка што ЕУ ја дава за Украина веќе ја надминува поддршката што ја даваат САД. Ни беше многу важно да го пренесеме нашето лично искуство и да ги споделиме нашите лични историски лекции научени“, вели Миериња.

Според неа, ако не се запре војната сега, ќе се плати многу повисака цена.

„Во овие денови слушнавме како Русија ја споредуваат со рак, но мислиме дека е уште полошо затоа што пипалата на Русија се шират низ целиот свет и достигнуваат многу места на глобално ниво“.

Таа додаде дека и дека со сенаторите и конгресмените разговарале за многу практични чекори, меѓу кои и можни санкции со кои Русија ќе биде одговорна за нејзините воени злосторства и конфискација на рускиот имот.