Украинскиот претседател Володимир Зеленскиј денеска изјави дека паузата во руската војна против Украина само ќе ѝ користи на Русија со тоа што ќе и дозволи да го зголеми снабдувањето со муниција и „да нè прегази“.
„Пауза на бојното поле на територијата на Украина не е пауза во војна. Тоа не е крај на војната“, рече Зеленски за време на посетата на Естонија.
„Тоа не води кон политички дијалог со Руската Федерација или со некој друг. Оваа пауза ќе има корист само за Руската Федерација“, рече тој.
Зеленски беше во Естонија како дел од регионалната турнеја која вклучуваше застанување во Литванија и уште една планирана во Латвија.
Украинскиот лидер вчера во Вилнус изјави дека силите на неговата држава му покажале на светот дека руската војска може да биде запрена, но рече дека на владата во Киев многу и се потребни западните сојузници да ѝ испратат повеќе системи за противвоздушна одбрана за да соборат руски беспилотни летала и ракети.
Тој, сепак, е свесен дека залихите се ниски во државите кои би можеле да и помогнат на Украина.
„Магацините се празни“, рече Зеленски. „Има многу предизвици за светската одбрана“.
Како што веќе се прближуваат две години војна, во Украина има надеж дека ќе се забрза развојот на домашната одбранбена индустрија и ќе работи на заеднички проекти со странските влади за производство на повеќе муниција и оружје.
Естонија, Литванија и Летонија се меѓу најцврстите политички, финансиски и воени поддржувачи на Украина, а некои од Балтикот се загрижени дека тие би можеле да бидат следет таргет на Москва.
Трите земји беа заземени и анектирани од Јозеф Сталин за време на Втората светска војна пред да ја вратат независноста со распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Тие се приклучија на НАТО во 2004 година, ставајќи се под воена заштита на САД и нивните западни сојузници.
„Демократските земји направија многу за да и помогнат на Украина, но ние треба да направиме повеќе заедно за Украина да победи, а агресорот да загуби“, рече претседателот на Естонија, Алар Карис.
„Потоа, постои надеж дека ова ќе остане последна воена агресија во Европа, каде што некој сака да му диктира на својот сосед со проектили, беспилотни летала и топови каков политички избор може да се направи“, додаде тој.
Како што се одолговлекува војната меѓу Украина и Русија, намалени се западните воени испораки за Украина. Во САД, барањето на американскиот претседател Џо Бајден за поголема помош за Украина е заглавено во Конгресот, додека ветувањето на Европа во март да обезбеди еден милион артилериски гранати во рок од 12 месеци не успеа, со само околу 300 000 испорачани досега.
Дел од информациите доаѓаат од Асошиетед прес, агенцијата Франс – прес и Ројтерс.