Конзулатот во Детроит помага за зацврстување на врските на иселениците со татковината

  • Глас македонски

Генералниот конзулат во Детроит, сојузната држава Мичиген е лоциран во област каде живее најбројната македонска иселеничка заедница во САД, организирана во црковни општини и невладини организации. Иако нема официјални податоци, се работи за околу 20.000 иселеници. Според генералниот конзул Игор Дукоски, конзулатот работи на многу повеќе нешта отколку само издавање на визи:

-Генералниот конзулат во еден проактивен и партнерски однос со македонските организации во Детриот и неговата поширока околина спроведува проекти од областа на културата и образованието кои помагаат да се зацврстат врските на иселениците со татковината. Конзулатот учествува во промоција на Република Македонија како исклучителна атрактивна дестинација за странски инвеститори.

Македонските иселеници во Детроит се организирани во две црковни општини: Свети Ѓорѓи Кратовски од Фармингтон Хилс и Раѓање на Пресвета Богородица од Стерлинг Хајтс:

-При црковната општина Раѓање на пресвета Богородица функцинира КУД Танец, каде најмладите иселеници го изучуваат македонскиот јазик и посетуваат часови за учење на македонски ора и танци.

Конзулатот во Детроит посредува во активности за помагање на здравствените центри во Македонија. Дукоски ја издвои соработката со непрофитната организација Светска медицинска помош од Детроит:

-Во соработката со Светска медицинска помош од Детроит во координација со американско – македонската асоцијација од Детроит овозможена е донација на медицинска опрема и апарати за здравствените центри во Македонија. Во 2007-ма јавната здравствена установа во Куманово има добиено помош во висина од половина милион долари, а во 2008-ма помош добија болниците во Лешок и Струмица, а годината јавната здравствена установа во Штип ќе добие 500.000 долари во вид на медицинска опрема и помагала.

Дукоски вели дека соработката ќе продолжи и оваа година. Веќе се договорени нови осум донации за здравствените центри во Македонија.