Причината поради која здравствените работници се толку загрижени е што птичјиот грип од типот Х5Н1 досега однесе и 70 човечки животи, или речиси половина од потврдените случаи меѓу луѓето.
Раководителот на Американскиот центар за контрола на болести и превенција Џули Гербердинг за ТВ мрежата Си-Би-Ес изјави дека американската влада за секој случај се подготвува и за најлошото. „Мошне сме загрижени поради птичјиот грип во Азија и во Источна Европа. Не знаеме дали ќе стане лесно пренослив од едно лице на друго, но затоа уште сега мора да преземеме мерки да се подготвиме за такво нешто“.
Мерката подразбира федерален план тежок повеќе милијарди долари за вакцинација на Американците, лекови и развој на нови вакцини.
Секретарот за здравство и здравствени услуги Мајк Левит за Си-Ен-Ен кажа дека дивите птици продолжуваат да го шират вирусот низ светот. „Тоа значи дека на крајот ќе дојде и во САД. Треба да сме подготвени – меѓу другото и за ситуација во која континуирано извесен број на луѓе се инфицираат во допир со птиците“.
Американскиот секретар за здравство потенцираше дека инфекцијата кај луѓето доаѓа како резултат на близок и продолжен допир со живи птици или со свежа, а не зготвена живина. Американските здравствени работници – вели тој, се загрижени поради тоа што овој птичји вирус има слични генетски карактеристики на вирусот што во 1918-та усмрти милиони луѓе ширум светот.
Првиот човек на американското здравство е убеден дека американските научници се способни да развијат ефикасна вакцина. Предизвикот е во тоа да се направи доволен број вакцини за сите Американци, и тоа во кус временски рок. „Имаме вакцина за која знаеме дека произведува доволна имунолошка реакција, но кога вирусот ќе мутира во пренослив од човек на човек, тоа ќе биде различен вирус – сроден на сегашниот. Ние знаеме дека можеме да произведема вакцина. Она што го немаме е капацитет да ја умножиме доволно брзо за да може да ја примат сите Американци“.
Секретарот Левит сепак додаде дека владата се надева дека на крајот ќе може да произведе доволен број на вакцини наменети специјално за мутираниот вирус во рок од шест месеци од евентуална пандемија.