„Пред се, секоја земја да постигне два отсто од бруто-домашниот производ за одбраната, да се модернизираат армиите и да ѝ се помогне на Украина“ - ја пренесе пораката од средбата со секретарот за одбрана на САД Лојд Остин, Владо Мисајловски, новиот министер за одбрана на Северна Македонија.
„Ние како земја - членка стасавме до 2% од буџетот за одвојување за одбраната, но мислам дека тоа не е доволно и треба да гледаме кон одделување што е можно повеќе средства, пред се за нашата армија, рече првиот човек на македонската одбрана на маргините на Самитот на НАТО во кусото интервју за Гласот на Америка на македонски.
Your browser doesn’t support HTML5
Запрашан, дали ќе продолжи безрезервната поддршка кон Киев со оглед дека Скопје сега има нова Влада, Мисајловски рече „апсолутно“.
„Како што најави претседателот на Владата Христијан Мицкоски, тоа мора да продолжи. Ние, како Влада ќе направиме се што е во наша моќ, треба да ја помагаме Украина максимално, затоа што сме едно големо семејство. Но, истовремено треба да внимаваме да ја модернизираме и нашата армија. Нашата армија треба да биде на највисоко ниво. Јас ќе се обидам да обезбедам повеќе средства и да се вложува повеќе во одбрана со цел да имаме модерна армија“, изјави Мисајловски за Гласот на Америка на Самитот на НАТО во Вашингтон.