Пендаровски очекува гласот за него да го дадат граѓани од сите заедници, иако е свесен дека во првиот круг ќе „трчаат“ и кандидати поддржани од партиите на Албанците и дека засега во прилог не му оди фактот што со владејачката ДУИ се разминаа за прашањето за законот за игри на среќа кој тој не го потпиша.
Тврди дека не размислува за тоа кој би бил потенцијален посакуван противкандидат во вториот круг. За сите останати кандидати вели дека ги почитува и дека со сите има коректни односи, иако изјавите на дел од нив за ревизија, или поништување на Рамковниот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија ги смета за обид за кревање на рејтингот.
Засега, во претседателската трка се и Гордана Силајновска-Давкова зад која застанаа 30 пратенички потписи од ВМРО-ДПМНЕ и која ќе се официјализира на утрешната партиска конвенција, како и кандидатите на ДУИ, на опозициските партии на Албанците и на За наша Македонија, Бујар Османи, Арбен Таравари и Максим Димитриевски кои веќе собраа по 10 000 потписи од граѓаните. Блиску до прагот се и кандидатите на Левица и на ГРОМ, Билјана Ванковска и Стевчо Јакимовски. Бројот на претенденти најавува интересна битка за претседателската функција во Северна Македонија.