Расте притисокот врз Унгарија да го одобри приемот на Шведска во НАТО

  • Хенри Риџвел

Шведскиот премиер минатата недела ја одби поканата од Орбан да започне преговори во Будимпешта за нејзината апликација во НАТО.

Шведска и Финска поднесоа барање за влез во НАТО во мај 2022 година - три месеци по целосната инвазија на Русија на Украина.

Финска се приклучи минатата година. Но, Шведска сè уште чека - Унгарија е последната земја-членка на НАТО што допрва треба да го ратификува пристапот, откако Турција го даде своето одобрение на почетокот на овој месец. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Будимпешта да дејствува брзо.

Your browser doesn’t support HTML5

Унгарија мора да делува за да заврши процесот на пристапување на Шведска во НАТО

Шведска носи огромни способности за алијансата во секој домен. Унгарија сега ќе мора да делува за да го заврши процесот на пристапување на Шведска. Но, целосно очекувам дека тоа ќе се случи во следните недели кога ќе се собере унгарскиот парламент, изјави Антони Блинкен, државен секретар на САД.

Унгарските пратеници од партијата на премиерот Виктор Орбан постојано го стопираат гласањето за кандидатурата на Шведска за НАТО.

Минатата недела, Орбан рече дека сега го поддржува пристапувањето на Шведска, и дека пратениците ќе гласаат за ова прашање кога повторно ќе се состанат во февруари.

Пратениците од опозицијата побараа вонредна седница на парламентот. Но, претседателот на парламентот рече дека не гледа „итност“ во одржувањето на гласањето.

Пратеници од партијата на Орбан изразија гнев кон Шведска поради критиките за назадување на демократијата во Унгарија.

Начинот на кој шведската политичка елита ја напаѓа Унгарија во последните десет години во врска со неколку мерки, создава основа за да побараме дополнителни политички консултации од Швеѓаните, бидејќи се работи за тоа да се заложиме за заеднички воен сојуз, изјави Баласз Орбан, политички директор во Кабинетот на унгарскиот премиер.

Унгарија се обидува да ги зголеми дипломатските мускули.

„Мислам дека Виктор Орбан сака одвреме-навреме да ги потсетува западните земји, велејќи им - не не`критикувајте затоа што имаме карти. Ние не седиме на маса без карти. Затоа, бидете внимателни кога се обидувате да не` критикувате за корупција, за прашања за владеење на правото или за квалитетот на нашата демократија“, изјави Золтан Погатса, политички аналитичар.

Шведскиот премиер минатата недела ја одби поканата од Орбан да започне преговори во Будимпешта за нејзината апликација во НАТО.

Двајцата лидери треба да се сретнат на самитот на Европската Унија во Брисел в четврток.

Во меѓувреме, Русија овој месец рече дека ќе преземе „одмазднички мерки“ доколку Шведска се приклучи на Алијансата.