ЕУ: Без уставни измени, Северна Македонија ризикува да излезе од евроинтеграциите

Првите луѓе на австриската, чешката и словачката дипломатија, настапувајќи и во име на Жосеп Борел, дојдоа за серија средби и со власта и со опозицијата, да го деблокираат политичкиот ќор-сокак.

Министерска ЕУ тројка денеска допатува во Скопје за да прати порака за клучната тема од која зависи натамошната европска интеграција, а тоа е финиширање на уставните измени. Првите луѓе на австриската, чешката и словачката дипломатија, настапувајќи и во име на високиот претставник за надворешна и безбедносна политика Жосеп Борел, дојдоа во земјава за, на серија средби и со власта и со опозицијата, да го деблокираат политичкиот ќор-сокак за промената на уставот, прашање за кое, засега, двата табора не наоѓаат компромис. „Моментот е сега, нема време за губење“, беше јасна изјавата на австрискиот министер Шаленберг.

Your browser doesn’t support HTML5

Тројца европски министри на ЕУ во Скопје

„Доаѓаме со едноставна и силна порака, а тоа е порака на охрабрување – нема време за губење, би сакале да продолжите со неопходните уставни измени за да продолжите со преговорите за членство. Да се одложи усвојување на амандманите значи да се одложи пристапувањето. Би било штета, откако истрчавте еден тежок маратон, да се сопнете на последната пречка. Ако постоечкиот ќор-сокак продолжи Северна Македонија ризикува да ја испушти наредната шанса и дури, на подолг период, да биде исфрлена од ЕУ патот. Од друга страна, со исполнување на уставните измени, кои владата наскоро ќе ги поднесе, конечно ќе ја отвори вратата за почеток на пристапните преговори што е неповратен процес. Треба да се биде политички одговорен и да се имаат предвид државните, а не партиските интереси. Тоа што е на маса е единствениот договор. Нема друг, моментот за делување е сега. Не се мешаме во внатрешните работи на земјата, решението може да дојде само од Северна Македонија. Решението нема да дојде од Брисел, од Виена, од Прага или Братислава, а ве уверувам дека нема да дојде ниту од Софија. Вам ви останува дали ќе одите напред. Не треба да се заборави геополитичката ситуација, Русија е голема закана за безбедноста на Западен Балкан и не престанува да работи на негова штета.“, изјави Александар Шаленберг, министер за надворешни на Австрија.

Чешкиот министер потсети дека ако влезот во НАТО донесе дополнителна стабилност, тогаш приближувањето кон ЕУ ќе значи просперитет за граѓаните. „Се надевам дека компромис за Уставот ќе има“, вели Липавски.

„Тука сме да ги охрабриме сите политички фактори, да ги преземат неопходните чекори за земјата да влез во ЕУ. Јас постојано велам – НАТО ја гарантира безбедноста, а ЕУ го гарантира просперитетот. Го посакувам истото за Северна Македонија. Ние земјата ја сметаме за дел од европското семејство и едноставно, процесот треба да се заврши. Разбирам дека ситуацијата не е лесна и се надевам дека ќе може да се надмине преку преговори.“, истакна Јан Лапавски, министер за надворешни на работи на Чешка.

Очекувањата на министрите се дека договор за уставните измени, и покрај фактот дека е тешко прашање, сепак ќе се оствари и дека Северна Македонија ќе се врати на позицијата лидер во регионот во евроинтеграциите. Шефот на словачката дипломатија се надева дека земјата ќе ја преземе улогата на, како што рече, локомотива.

EU and Macedonian flag

„Ќе се сретнеме со најразлични политички претставници на Северна Македонија за да помогнеме да се изгради национален консензус за најитната стратешка цел – зачленување во ЕУ. Целата Унија препознава дека Северна Македонија е подготвена успешно да ги заврши пристапните преговори, тоа се виде преку успешниот скрининг кој ќе заврши во ноември и потоа ќе треба да се отвораат преговарачките кластери и поглавјата. Треба сега да станете локомотива, пример, кој ќе се следи. Се надевам дека оваа задача ќе заврши до 2030 година. Сакаме, како пред две децении да станете лидер на Балканот во ЕУ интеграциите.“, смета Мирослав Влаховски, министер за надворешни работи на Словачка.

Бујар Османи, кој беше домаќин на ЕУ министрите, нема дилеми дека актуелната шанса не смее да се испушти и со тоа земјата да излезе од „брзата европска лента“. Во обид за „одоброволување“ на опозицијата Османи вели дека уставните измени нема да значат промена на уредувањето, туку зацврстување на мултиетничкиот карактер на Македонија.

„Се соочуваме со отпор наметнат од дел од претставниците на опозицијата, би рекол ирационален отпор зашто уставната измена, што како обврска ја презедовме, ни најмалку не ја менува суштината на нашето уставно уредување. Можеби зборот измена е погрешен, можеби треба дополнување да се користи, бидејќи само се дополнуваат неколку заедници со што се допрецизира и онака мултиетничката структура на нашата држава. Европа се наоѓа во турбулентно време, кога ЕУ интеграциите стануваат безбедносно прашање. Северна Македонија не смее да си дозволи да се издвои и да припадне во групата земји кандидати кои имаат отворени прашања и за кои ќе нема брза трака за пристапување. Напротив, ќе направиме историска грешка ако не останеме на сегашната патека на која многу тешко се вративме...“, истакна шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Владата најави дека во наредните денови предлог-измените на Уставот ќе поминат на седница и дека набрзо ќе се најдат пред пратениците, не подоцна од крајот на месецот. Ставот на мнозинството, кое не ги има бројките за заокружување на процесот, е дека изборот е дали земјата да продолжи кон ЕУ, или да остане блокирана.