Канцеларијата на ОН за човекови права повикува на правда и одговорност за жртвите на присилното исчезнување и киднапирања од страна на Северна Кореја, каде оваа нелегална пракса датира од 1950 година.
Нов извештај ги опишува страдањата на семејствата низ повеќе генерации кои морале „тивко да страдаат“, без компензација и признание од владата на Демократска Народна Република Кореја.
„Сведоштвата од овој извештај покажуваат дека цели генерации живееле со тага што не ја знаеле судбината на сопружниците, родителите, децата, браќата и сестрите“, рече Волкер Турк, висок комесар на ОН за човекови права.
„Присилното исчезнување е длабоко кршење на многу права одеднаш, а одговорноста е на државата“, рече тој.
Извештај на Истражната комисија на ОН за состојбата со човековите права во Северна Кореја од 2014 година покажа дека систематската и широко распространета природа на киднапирањата и насилните исчезнувања во таа земја „претставува злосторство против човештвото“.
Новиот извештај на ОН се заснова на интервјуа спроведени во Сеул, Јужна Кореја со 38 машки и 42 женски жртви на киднапирање и насилно исчезнување, вклучително и од роднини на насилно исчезнати луѓе.
Преживеаните и сведоците зборуваат за психолошкото и емоционалното влијание на овие дела врз нивните животи и ја опишаа траумата на нивните животи од киднапирања поддржани од државата.
„Само кога ќе дознаам каков живот имал татко ми по неговото киднапирање, ќе се чувствувам подобро. Тоа е мојот најголем приоритет“.Ким Hам Џо
Сведокот Ким Нам Џо кој е син на Ким Јунг Кин кој бил киднапиран во Корејската војна, вели: „Само кога ќе дознаам каков живот имал татко ми по неговото киднапирање, ќе се чувствувам подобро. Тоа е мојот најголем приоритет“.
Друг сведок, Ким Џеј Џо, чиј татко Ким Ки Јунг, киднапиран за време на Корејската војна, рече дека не можел да спие размислувајќи за тоа што му се случило на неговиот татко.
„Сакам да се потврди неговата судбина. Ако тој починал, би сакал посмртните останки да ми бидат вратени“.
Извештајот од 55 страници, насловен „Овие рани не зараснуваат“, ги прикажува прекршувањата помеѓу 1950 и 2016 година. Сепак, Марта Хуртадо, портпаролката на високиот комесар истакна дека насилното исчезнување не е само минато.
„Се плашиме дека оваа практика продолжува во моментов со луѓе во земјата - државјани кои се произволно приведени и исчезнати. Тие често се праќаат во затвори без нивните роднини да бидат информирани за нивната судбина“, рече таа.
Извештајот раскажува за насилно исчезнување и киднапирања на странски државјани и за време и по Корејската војна, 1950-1953 година. Се вели дека речиси 100.000 јужнокорејски државјани тогаш биле киднапирани.
По војната, Северна Кореја киднапирала 3.835 луѓе од Република Кореја. Повеќето на крајот биле вратени, но владата на Јужна Кореја објави дека 516 луѓе не биле вратени.
Друга категорија на киднапирани вклучува странци, главно јапонски државјани, и потомци на корејски државјани.
Марта Хуртадо рече дека некои од Јапонците биле намамени во Северна Кореја „со ветување за подобар живот и штом доброволно пристигнале во Северна Кореја, не им било дозволено да се вратат назад“, рече таа.
„Тие се сметаат за присилно исчезнати“, вели Хуртадо.
Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права известува дека и понатаму добива веродостојни информации од поранешните затвореници за тековното постоење на политички затворски логори. Се вели дека „некои од овие избегани побарале анонимност поради страв од одмазда на нивните семејства кои се во Демократска Народна Република Кореја“.
Во извештајот за Северна Кореја од 2014 година, Мајкл Кирби, претседател на истражната комисија на ОН, ги опиша спонзорираните киднапирања и исчезнувања на луѓе од други нации од страна на владата како „уникатни по нивниот интензитет, обем и природа“.
Високиот комесар на ОН за човекови права, Турк, рече дека е решен да се ангажира со севернокорејската влада за решавање на добро документирани прашања за човековите права.
„Сега е време Демократска Народна Република Кореја да се оддалечи од изолацијата и да работи со ОН за наоѓање решенија за прашањата за човековите права, вклучително и долгогодишното прашање на присилното исчезнување и киднапирањето“, рече тој.
„Жртвите имаат право на вистина и правда, репарации и гаранции дека тоа нема да се повтори.“, додаде Турк.