САД се против кинескиот предлог за прекин на огнот во Украина

Иако прекинот на огнот звучи добро, тој всушност ги ратификува придобивките на Русија на терен, рече Џон Кирби, координатор на Советот за национална безбедност за стратешки комуникации

Белата куќа го отфрла предлогот на Пекинг за примирје во Украина, пред денешната средба на кинескиот претседател Шји Џјинпинг со рускиот лидер Владимир Путин во Москва.

„Би биле загрижени доколку излеземе од овој состанок со некој вид повик за прекин на огнот“, рече Џон Кирби, координатор на Советот за национална безбедност за стратешки комуникации во интервју за Гласот на Америка во петокот. „Иако прекинот на огнот звучи добро, тој всушност ги ратификува придобивките на Русија на терен“.

Советникот за надворешна политика на Путин Јуриј Ушаков, во петокот рече дека разговорите со Шји може да дадат нов пристап кон војната во Украина.

„Сигурен сум дека нашиот лидер и кинескиот лидер ќе ги разменат своите проценки за ситуацијата таму“, рече тој. „Ќе видиме какви идеи ќе се појават после тоа“.

Кирби сугерираше дека прекинот на огнот може да ѝ даде можност на Москва да се подготви за поефективен напад врз Украина во иднина. Прекинот на огнот во овој момент, додаде тој, „не му служи на интересот на Украина“.

Внимателно поздравувајќи го ангажманот на Пекинг, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека успехот ќе зависи од постапките, а не од зборовите.

Минатиот месец Пекинг ја објави својата рамка од 12 точки за политичко решение во Украина, повикувајќи на „директен дијалог што е можно побрзо“ за да се постигне „сеопфатен прекин на огнот“.

Документот немаше специфики за решавање на руската окупација на украинска територија или безбедносни гаранции за Украина. Тој не предвидува повлекување на руските сили.