Од 100 обиди за манипулација со информации, 88 биле оркестрирани од руски државни актери, покажува прв извештај на Европската служба за надворешна акција кој се однесува на манипулација со странски информации во февруари, објави „The Fix Foundation“.
Фондацијата, која вели дека со години Русија ги мобилизира ресурсите со кои располага за да ја дискредитира Украина и другите непријатели, и преку медиумите во Русија и во странство, ги сумираше главните точки во извештајот:
Таргети
Руската пропаганда има неколку цели на кои се фокусира. Анализата ги дели целите на пропагандата во три групи: земји, организации и поединци. Очекувано, најчести се Украина, украинскиот претседател Володимир Зеленски, украинската влада, Вооружените сили на Украина и украинските сојузници, како што се Европската унија и меѓународните институции, како НАТО.
Наративи
Една од целите на извештајот на Европската служба за надворешна акција е да се дефинираат наративите што Русија ги користи во медиумите.
Извештајот утврди пет од најпопуларните наративи на руската пропаганда:
1. Западот е агресор кон Русија
Согласно овој наратив, Западот е одговорен за растечката тензија меѓу Русија и Украина, профитирајќи од војната, и е главната причина зошто инвазијата продолжува.
2. Украина е агресор кон Русија
За разлика од претходниот, овој наратив ја прикажува Украина како главен антагонист и провокатор. Русија ги обвинува Украинците дека предизвикуваат и сакаат војна, дека извршиле воени злосторства и имаат намера да употребат хемиско и нуклеарно оружје. Откако владата во Украина се смени во 2014 година, Русија постојано изјавуваше дека претседателските избори се нелегални и ја именуваше владата на Украина како „Киевски режим“. Руските медиуми ја искористија оваа агенда во своите пораки за да ја демонизираат Украина. (На пример, рускиот медиум Ukraina.ru објави напис „Режимот на Киев сака да предизвика војна меѓу Русија и НАТО“.) На тој начин Украина се демонстрира како агресор, а руските дејствија се само оправдан одговор.
3. Санкциите против Русија даваат контраефект
Тоа е руска манипулација околу тоа како санкциите имаат влијание врз западните земји, особено во областа на храната, енергијата и финансиите. Да дадеме пример - кој не е директно спомнат во извештајот на Европската служба за надворешна акција - рускиот канал „Раша Тудеј“ создаде видео „Среќен антируски Божиќ“. Видеото е за едно семејство кое го слави Божиќ во Европа. Празникот се менува за три години од полн со светлина, топлина и благосостојба во 2021 година до студен, гладен и сиромашен во 2023 година. Кулминацијата на заплетот е тоа што едно семејство јаде супа направена со хрчакот на нивната ќерка. Главниот наратив е дека европските санкции за руската енергија ќе имаат многу посилен ефект врз Европа отколку врз Русија. „Раша Тудеј“ манипулира за да ја убеди публиката дека ќе го изгубат својот удобен живот без Русија.
4. Западот е лицемерен
Пораката го нагласува наводното лицемерие на западниот свет. Дека европските земји се корумпирани, колонијалисти, шират русофобични ставови и ги злоупотребуваат основните права, вели наративот, но тие не го признаваат тоа и наместо тоа ја осудуваат Русија.
5. Украина е нацистичка и терористичка држава
Вообичаена е идејата што Русија активно ја промовира уште од Револуцијата на достоинството - проевропските протести во Украина кон крајот на 2013 и почетокот на 2014 година, со кои беше соборен прорускиот претседател Виктор Јанукович. Политичарите и медиумите на Кремљ тврдеа дека промената на претседателот не била легитимна и дека станува збор за терористички чин. Исто така, популарниот наратив беше дека Револуцијата на достоинството била предводена од „украински нацистички групи“. Сега, наративот „Земјата полна со терористи и нацисти“ е еден од изговорите за руската инвазија. Од овој наратив произлегува уште една точка: руската агресија врз Украина е таканаречена „деназификација“.
„The Fix Foundation“ вели дека од почетокот на целосната војна во 2022 година, руската пропаганда станала агресивна како никогаш досега.
„Пред една година руската пропагандна машина се соочи со жесток и невиден прекор во Европа. Западот воведе санкции за руските продавници за да ги заштити нивните општества од манипулации. Европската унија ги забрани руските државни медиуми како што се „Раша тудеј“ и „Спутник“. Новинари, влади и експерти за дезинформации, работеа на анализа на рускиот систем за лажни вести и манипулации за ефективно да се спротивстават на истиот“, пишува фондацијата.
Во текстот се додава дека „ руската пропаганда досега не успеа да ги придобие срцата и умовите на повеќето Европејци, или да ги исплаши во премолчено прифаќање на руската војна против Украина, но не престанува да се обидува“.
Извор: „The Fix Foundation“