Над 17.000 загинати во земјотресот во Турција и Сирија, спасувачите трагаат по преживеани

Не е можно да се биде подготвен за ваква катастрофа, нема да оставиме без грижа ниту еден од нашите граѓани, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Спасувачките екипи во Турција и Сирија денес се справуваа со времето и недостигот на опрема за да пронајдат преживеани затрупани во урнатините на зградите срушени од силните земјотреси што го погодија регионот во понеделникот и оставија повеќе од 17.000 мртви досега.

Агенцијата за управување со катастрофи на Турција денес соопшти дека околу 110.000 лица се вклучени во спасувачките напори и дека 5.500 возила, како што се трактори, кранови, булдожери и багери се испратени за да ѝ помогнат на земјата која се опоравува од земјотресот.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја посети областа во близина на епицентарот на земјотресот во близина на градот Газијантеп и на границата меѓу Турција и Сирија.

Тој се соочи со зголемената фрустрација на преживеаните кои ги бараа своите најблиски или помош од владата, барајќи од владата итен одговор за справување со земјотресот со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала.

„Не е можно да се биде подготвен за таква катастрофа“, рече Ердоган. „Нема да оставиме без грижа ниту еден од нашите граѓани“.

Тој укажа на зимското време и на тоа како земјотресот ја уништи пистата на аеродромот во Хатај што се одрази врз спасувачките напори.

Официјални лица во Турција соопштија дека најмалку 8.574 луѓе биле убиени, а повеќе од 38.000 други биле повредени.

Во Сирија, каде што има слични поплаки за бавно реагирање, според бројките на владата во Дамаск и спасувачките групи, загинале најмалку 2.530.

Земјотресот сега е најсмртоносниот сеизмички настан во светот по земјотресот и цунамито во 2011 година, во кои загинаа речиси 20.000 луѓе во Јапонија.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс и Франс-прес