САД ги повикаа Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат реториката и да ги решат билатералните спорови

Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата, изјави за Гласот ан Америка портпарол на Стејт департментот

Ги повикуваме Бугарија и Северна Македонија да ја деескалираат својата реторика и брзо да ги решат овие билатерални спорови, изјави за Гласот на Америка портпарол на Стејт департментот, одговарајќи на прашањето како ја коментира одлуката на Бугарија да го повлече бугарскиот амбасадор од Скопје.

„Иднината на Северна Македонија е во ЕУ. САД продолжуваат да ја поддржуваат целосната евроатланска интеграција на земјата“, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Бугарија минатата недела го повлече амбасадорот по нападот на секретарот на бугарскиот клуб „Борис Трети“ во Охрид, тврдејќи дека има „сериозна ситуација во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи тогаш рече дека повлекувањето на бугарскиот амбасадор е неоснован, непоткрепен и непринципиелен потег.

„Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраќач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој смета дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален“, изјави Османи.

Тој, во интервју за Радио Слободна Европа, рече дека не ја знае официјалната причина за повлекување на амбасадорот, како и дека не размислува да ја повлече македонската амбасадорка од Софија оти верува дека дијалогот меѓу двете држави треба да продолжи преку амбасадите.

МИА, пак, денес објави дека добиле потврда од МНР оти бугарскиот амбасадор се враќа на своите дипломатски должности во Скопје, пренесе Радио Слободна Европа.