Зеленски бара побрза испорака на западното оружје

Шефот на Советот за национална безбедност на Украина Олексеј Данилов, за Радио Слободна Европа, изјави дека Москва се подготвува за нова офанзива на 24 февруари, годишнината од руската инвазија

Во руските напади во јужниот украински град Херсон вчераа загинаа три лица, а шест беа повредени.

Нападите го поттикнаа украинскиот претседател Володимир Зеленски уште еднаш да ја изрази потребата сојузниците да ја забрзаат испораката на ветеното оружје.

„Мораме да го направиме времето наше оружје“, рече претседателот во своето секојдневно обраќање. „Мораме да го забрзаме снабдувањето и отворањето на нови неопходни опции за оружје за Украина“.

Зеленски, исто така, рече дека од гранатирањето во Херсон биле оштетени и станбени згради, болница, училиште, автобуска станица, пошта и банка.

Русија и Украина вчера изнесоа спротивни тврдења за тоа кој ја контролира територијата кај Блаходатне во источниот дел на регионот Доњецк.

Руската платеничка воена група „Вагнер“ тврдеше дека ја презела контролата врз селото, додека украинската војска соопшти дека нејзините војници го одбиле нападот.

„Единиците на украинските одбранбени сили ги одбија нападите на окупаторите во областите на Блаходатне во регионот на Доњецк“, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина, осврнувајќи се на борбите во саботата.

Украина соопшти дека нејзините сили, исто така, ги одбиле руските напади во близина на 13 други населени места во регионот на Доњецк.

Но, групата Вагнер, што САД ја прогласија за транснационална криминална организација, во саботата на Телеграм објави дека нејзините единици ја презеле контролата врз Блаходатне.

Шефот на Советот за национална безбедност на Украина Олексеј Данилов, за Радио Слободна Европа, изјави дека Москва се подготвува за нова офанзива на 24 февруари, годишнината од руската инвазија.

„Сега се подготвуваат за максимално активирање и веруваат дека до годишнината треба да имаат некои достигнувања“, рече Данилов. „Нема тајна дека се подготвуваат за нов бран до 24 февруари, како што самите велат“.

Дел од информациите во текстот се преземени од АП, Ројтерс, Франс-прес