Зеленски предупреди на нова недела руски напади

Разбираме дека терористите планираат нови напади, ова го знаеме со сигурност, рече украинскиот претседател

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека следната недела може да биде тешка како и изминатата недела кога руските ракетни напади предизвикаа широка штета на електричната мрежа на земјата.

Зборувајќи за време на неговото ноќно видеообраќање, Зеленски рече дека украинската војска и другите државни ентитети се подготвуваат и им се заблагодари на енергетските работници кои успеале да ја вратат електричната енергија.

„Разбираме дека терористите планираат нови напади. Ова го знаеме со сигурност“, рече Зеленски. „И се додека имаат проектили, тие, за жал, нема да се смират“.

Руските воздушни напади ги погодија клучните инфраструктурни цели во Украина. Руските власти негираа дека таргетирале цивили со такви напади.

Новоизбраните американски републикански законодавци кои треба да преземат лидерски улоги во Претставничкиот дом во јануари, ветија дека Конгресот ќе продолжи воено да ја поддржува Украина во нејзината борба против Русија, но рекоа дека ќе има подетална контрола врз помошта пред да биде испратена до силите на Киев.

Конгресмените Мајкл Мекол од Тексас и Мајк Тарнер од Охајо изјавија за Еј-Би-Си дека ќе има континуирана двопартиска поддршка за Украина, иако се појави одредено противење од двете партии.

Тарнер, најверојатно новиот претседател на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом, рече: „Ќе се погрижиме да го добијат она што им треба. Ќе имаме двопартиска поддршка“.

Мекол, веројатен претседавач со Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, рече: „Ако им го дадеме она што им треба, тие ќе победат“.

Но, Мекол рече дека ќе има разлика во разгледувањето на помошта за Украина од демократската контрола на Претставничкиот дом, кога републиканците ќе ја преземат власта.

„Факт е дека ќе обезбедиме поголем надзор, транспарентност и одговорност“, рече тој. „Нема да пишуваме бланко чек“.

Дел од информациите во овој текст се преземени од Асошиетед прес, Ројтерс и агенцијата Франс-прес