Нови напади во близина на нуклеарката Запорожје

Нуклеарката во јужна Украина е исклучена поради оштетување на високонапонските водови, соопштија официјални лица

Русија денес соопшти дека спречила украински напад врз нуклеарната централа Запорожје, која е под руска контрола, изјави висок руски функционер.

Секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрушев ги обвини украинските сили за гранатирањето на нуклеарната централа, велејќи дека тие користат „западно оружје што може да доведе до глобална катастрофа“.

Изјавата на Патрушев доаѓа откако генералштабот на Украина рече дека претходните руски напади биле насочени кон големи области на земјата со тешко гранатирање, оштетувајќи ја инфраструктурата и снабдувањето со енергија на најголемата нуклеарна централа во Европа Запорожје.

Нуклеарката во јужна Украина е исклучена, соопштија официјални лица, поради оштетување на високонапонските водови поради што таа зависи од дизел генератори, соопшти украинската компанија за производство Енергоатом.

„Непријателот се обидува да ги задржи привремено заземените територии, концентрирајќи ги своите напори на ограничување на дејствата на одбранбените сили во одредени области“, соопшти денес генералштабот на Украина.

Двете страни ги негираат тврдењата на другите. Сепак, според извештаите, се забележани тешки борби во источните региони на Луганск и Доњецк, а руски напади беа пријавени во Кривиј Рих, во централна Украина и во Суми и Харкив на североисток.

Говорејќи на прес-конференција во Јордан, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денес рече дека неговата земја ги повикала Обединетите нации да помогнат во исполнувањето на дел од Црноморскиот договор за жито што ќе го олесни извозот на храна од Русија.

Украина, сепак, рече дека нема нова обврска за договорот. Денес, портпаролот на Украина Олег Николенко, на Фејсбук напиша дека земјата никогаш не го користела „коридорот“ за жито од Црното Море за воени цели и никогаш немала намера да го стори тоа.

Русија рече дека го продолжува своето учество во договорот за олеснување на испораката на украинско жито преку Црното Море.

„Руската Федерација смета дека добиените гаранции во моментов изгледаат доволни и продолжува со спроведувањето на договорот“, се вели во соопштението на Министерството за одбрана вчера.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ја поздрави руската најава за нејзиното повторно учество во иницијативата за црноморско жито.

Дел од информациите во текстот се преземени од Асопиетед прес, Ројтерс и Франс-прес